Германско-полска граница
граница помеѓу Германија и Полска / From Wikipedia, the free encyclopedia
Германско-полска граница — државна граница помеѓу Германија и Полска. Денешната граница е утврдена во 1945 г. и оди по Линијата Одра-Ниса, во вкупна должина од 467 км[1] Се протега од Балтичкото Море на север до Чешка на југ, односно долж реките Одра и Лужичка Ниса, по што доаѓа до Балтикот веднаш западно од пристанишните градови Шчеќин и Швиноујшќе (гер. Штетин и Свинеминде).[2]
Предвоени германски територии источно од оваа линија и во граничните рамки од 1937 г. сочинувале 23,8 % од Вајмарската Република. Овие територии биле одземени на Германија согласно Потсдамската конференција од 1945 г., при што најголем дел ѝ припаднал на Полска. Остатокот (северниот дел на Источна Прусија) му бил даден на СССР и наречен Калининградска Област како ексклава на Руската СФСР. Околу 12 милиони Германци од овие територии ги напуштиле своите родни краишта есента 1944 г. бегајќи пред доаѓањето на Црвената армија.
Од 1950 до 1990 г. Линијата Одра-Ниса била граница помеѓу Источна Германија и Полска. Двете комунистички влади се спогодиле за границата во 1950 г. додека пак Западна Германија најпрвин одбила да ја прифати, а потоа во 1970 г. почнала воздржано да се придржува кон неа.[3]
По таканаречените револуции од 1989 г. новообединета Германија и Полска во 1990 г. потпишале договор со кој двете страни ја потврдиле оваа граница.