Летни олимписки игри 2020
From Wikipedia, the free encyclopedia
Летни олимписки игри 2020 (јапонски: 2020年夏季オリンピック), официјално познати како Игри на XXXII Олимпијада или само како Токио 2020 — Летни олимписки игри кои се одржале во Токио од 23 јули до 8 август 2021. Натпреварите на игрите официјално започнале на 21 август 2021 година, со првите натпревари во фудбал и во софтбол.
Игри на XXXII Олимпијада | |
Лого на Летните олимписки игри 2020 | |
---|---|
Град домаќин | Токио, Јапонија |
Број на држави | 206 |
Број на спортисти | 11,238+ |
Број на спортови | 33 |
Број на натпревари | 339 |
Отворање | 23 јули 2021 |
Затворање | 8 август 2021 |
Стадион | Национален стадион |
Првично било планирано игрите да се одржат од 24 јули до 9 август 2020 година, но настанот бил одложен во март 2020 година, како резултат на пандемијата од КОВИД-19, и се одржале во голема мера зад затворени врати, без дозволени гледачи под вонредна состојба. И покрај презакажувањето за 2021 година, настанот го задржал името „Токио 2020“ за целите на маркетингот и брендирањето.[1] Ова е првпат Олимписките игри да бидат одложени и презакажани, наместо да бидат целосно откажани.[2] Летните параолимписки игри ќе се одржат, по Олимписките игри, од 24 август до 5 септември 2021.[3]
Токио бил избран за град домаќин за време на 125-тата седница на МОК во Буенос Аирес, Аргентина, на 7 септември 2013 година.[4] Со игрите во 2020 година, се одбележува второто домаќинство на Јапонија на Летни олимписки игри, првото било исто така во Токио во 1964 - со што овој град станал првиот во Азија кој бил домаќин на Летните олимписки игри двапати.
На овие олимписки игри биле воведени нови натпреварувања, како 3х3 кошарка, Велофристајл и Мадисон велосипедизам, како и понатамошни мешани натпреварувања. Според новите политики на МОК, кои овозможуваат организацискиот одбор домаќин да додаде нови спортови во Олимписката програма за да ги зголеми постојаните основни натпреварувања, на овие игри можеле да се видат и спортови како карате, спортско искачување, сурфање и скејтбординг кои го направиле своето олимписко деби, додека бејзболот и софтболот се вратиле на Олимпијадата за првпат од 2008.[5]