Магма
From Wikipedia, the free encyclopedia
Магма — растопен карпен материјал кој се наоѓа под Земјината површина (или површината на некоја друга терестричка планета), а многу често се собира во магматски комори. Може да содржи распрскани крути делови (ситни кристали) и волатилен материјал (стопени гасови, најчесто H2O i CO2) [1]. По дефиниција, сите магматски стени настанале од магма.
Магмата е сложен високотемпературен флуиден материјал. Температурите на повеќето магми се движат во распон од 650°C до 1300 °C, но многу ретките материјали од растопен карбонатит може да бидат дури 600 °C ладни, додека растопените коматитни материјали може да бидат 1600 °C жешки. Повеќето се растопени силикатни материјали [2].
Магмата може да продре во соседните стенски тела, како и да се излее на површината во облик на лава.
Создадената магма и околините во кои се создава се поврзани. Тие околини ги вклучуваат зоните на субдукција, зоните на континентално браздење (англиски: continental rifting) [3], средноокеански гребени како и врелите точки, од кои некои се толкувани како плаштови перјаници (англиски: mantle plume). Составот на магмата може да еволуира со фракциска кристализација, со контаминација како и со мешање на магми.