Мозочно крвавење
From Wikipedia, the free encyclopedia
Интрацеребрална хеморагија (од латински: intra- „во“ и cerebrum „мозок“) или мозочно крварење или излив на мозокот е крварење во мозочното ткиво. Интрацеребралното крварење е форма на интракранијално крварење. Интрацеребралните хеморагии обично се случуваат ненадејно. Мозочното крварење е хеморагична повреда на мозокот, која ги предизвикува истите симптоми како и мозочниот удар (исхемично оштетување на мозокот, т.е. изумирање на мозочно ткиво поради прекин на снабдување). Сепак, и покрај истите симптоми, ова се две различни дијагнози.
Најчеста причина се промени на малите крвни садови во мозокот (артериосклероза) како последица на висок крвен притисок. Други причини можат да бидат промени на крвните садови во мозокот како церебрална амилоидна ангиопатиа или малформации на крвниот сад, но и трауматски повреди - особено во контекст со земање на лекови која ја намалуваат коагулацијата на крвта. Поретко, воспалителни процеси и тумори во мозокот исто така можат да се манифестираат со мозочно крварење. Друга причина, на пример, може да биде руптура (прскање) на аневризма на крвен сад (аневризма претставува испакнување на ѕидот на артериски крвен сад поради дефект) - иако карактеристично за овој тип на крварење е локацијата во субарахноидалниот простор, т.е. во просторот кој го ограничуваат мозочните обвивки арахноидеа и пиа матер надвор од мозочното ткиво, можно е прскање аневризма на крвен сад во самиот мозок да доведе до крварење во мозокот. За прогнозата и евентуалните терапевтски интервенции важни се местото и големината на крварењето. Друг неповолен прогностички знак е пробив на крварењето во коморниот систем на мозокот, поради што настануваат проблеми во циркулацијата на цереброспиналната течност.
Најчестиот директен предизвикувач на интрацеребрална хеморагија е таканареченото рексис крварење на централните антеролатерални артерии (Aa. centrales anterolaterales) во нивниот тек низ областа на базалните ганглии.