Цивилизација
From Wikipedia, the free encyclopedia
Цивилизацијата е комплексно општество кое се одликува со урбан развој, социјална стратификација наметната од страна на културна елита, симболички системи на комуникација (на пример, системи на пишување), и значителна оддалеченост од и доминација над природната средина.[1][2][3][4][5][6][7][8]
Цивилизациите се интимно поврзани со и често се дополнително дефинирани од страна на други социо-правно-економски одлики, вклучувајќи ги централизацијата, припитомувањето и на луѓето и на другите организми, специјализацијата на трудот, културно вкоренетите идеологии за напредокот и супремацијата, монументалната архитектура, даноците, социјалната зависност од земјоделството и експанзионизмот. Историски, цивилизацијата била т.н. „напредна“ култура во контраст со наводно примитивните култури.[9] Во оваа широка смисла, цивилизацијата е во спротивност со нецентрализираните племенски општества, вклучувајќи ги и културите на номадските земјоделци и сточари и неолитските општества на ловците-собирачи. Цивилизацијата исто така се однесува на процесот на развој на општеството во централизирана, урбанизирана, стратифицирана структура. Цивилизациите се организирани во густо населени населби поделени во хиерархиски општествени класи со владејачка елита и подредено урбано и рурално население, кои се вклучени во интензивно земјоделство, рударство, производство во мал обем и трговија. Цивилизацијата ја концентрира моќта, проширувајќи ја човековата контрола врз природата, како и врз другите човечки суштества.[10]
Најраната појава на цивилизациите генерално се поврзува со завршната фаза на Неолитската револуција, кулминирајќи во релативно брз процес на урбана револуција и државна формација, политички развој поврзан со појавата на владејачката елита. Пораната неолитска технологија и начин на живот биле основани прво во Блискиот Исток, а подоцна и во басените на Жолта Река и Јангцекјанг во Кина (на пример пенгтушанската култура од 7.500 година п.н.е.), а подоцна се прошириле. Слични пред-цивилизациски "неолитски револуции" исто така независно започнале од 7.000 година п.н.е. во северозападниот дел на Јужна Америка (цивилизацијата Норте Чико)[11] и во Мезоамерика. Овие биле меѓу петте цивилизации во светот кои настанале независно.[12] Месопотамија е местото на најраниот развој на Неолитската револуција - околу 10.000 години п.н.е., со што цивилизациите почнале да се развиваат пред околу 6.500 години. Оваа област е идентификувана како област која има “инспирирано некои од најважните случувања во историјата на човештвото, вклучувајќи го пронаоѓањето на тркалото, развојот на курзивното писмо, математиката, астрономијата и земјоделството.“[13]
Цивилизациската урбана револуција пак била зависна од развојот на седентизмот, припитомувањето на животните и развојот на начини на живеење кои овозможиле економии од обем и акумулирање на вишок производство од страна на одредени општествени сектори. Преминот од комплексни култури во цивилизации, додека сè уште спорен, се чини дека е поврзан со развојот на државните структури, во кои силата била уште повеќе монополизирана од страна на елитна владејачката класа[14] која практикувала давање на човечки жртви.[15] Кон крајот на неолитскиот период, различни елитистички енеолитски цивилизации почнале да се зголемуваат во различни "лулки" од околу 3300 година п.н.е.. Енеолитските цивилизации исто така се развиле во Претколумбиска Америка, и покрај раниот почеток во Египет, Аксум и Куш, многу подоцна во потсахарска Африка. Колапсот на бронзеното време бил проследен со железното време околу 1200 година п.н.е., време во кое голем број на нови цивилизации се појавиле, кулминирајќи во периодот од 8 до 3 век п.н.е. кој германскиот психијатар и филозоф Карл Јасперс го нарекол аксиален пероид, и кој тој тврдеше дека била критична преодна фаза која довела до класичната цивилизација. Голема технолошка и културна транзиција кон модерноста започна околу 1500 година од н.е. во Западна Европа, што предизвика нови пристапи кон науката и правото брзо да се прошират низ светот, инкорпорирајќи ги пораните култури во индустриската и технолошката цивилизација на сегашноста.[16]