Геном
From Wikipedia, the free encyclopedia
Геном е поим со кој се означува целосниот збир на наследна информација кај еден организам. Кај оние организми чии тела се изградени од клетки, наследната информација постои како ДНК. Бидејќи постојат две големи групи на организми - прокариоти и еукариоти - кои се разликуваат по видот на клетките, организацијата на геномите е многу различна кај овие две групи.
Клеточната ДНК кај прокариотите е поредена во нуклеоидниот регион (јадрениот еквивалент) кој не е одделен од остатокот на клетката со мембрана. Кај еукариотите, пак, наследната материја главно се наоѓа во клеточното јадро, но постојат и мали количини на наследна материја и во некои цитоплазматични органели, како што се хлоропластите кај растенијата и митохондриите кај сите еукариотски групи.
Еукариотските клетки подлежат на циклична промена, одејќи од новообразувана клетка до клетка која се дели за да ја произведе следната генерација на прогенски клетки. Пред делбата, клетката е во интерфаза; за време на делбата, клетката е во делбена фаза. За време на интерфазата, јадрената ДНК е организирана во расфрлена мрежа од хроматин, комплексно соединение што се состои од нуклеинска киселина и базни белковини наречени хистони. Веднаш пред и по клеточната делба, хроматинот се кондензира во повеќе структури наречени хромозоми. Поради ова, физичката организација на геномот е најразлична од интерфазата до делбената фаза. Вирусите, како бесклеточни паразитски облици, имаат геноми од двоверижна ДНК, едноверижна ДНК, двоверижна РНК или едноверижна РНК.