Елизабета I
From Wikipedia, the free encyclopedia
Елизабета I (англиски: Elizabeth I; 7 септември 1533 — 24 март 1603 ) — кралица на Англија, кралица на Франција (само титуларно) и кралица на Ирска од 17 ноември 1558 г., па сè до нејзината смрт. Понекогаш е попозната преку нејзините синоними како Кралицата-девица или Добрата кралица Бес. Кралицата Елизабета била петтиот и последен монарх од династијата Тјудори (претходните четири биле нејзиниот дедо Хенри VII, нејзиниот татко Хенри VIII, нејзиниот полубрат Едвард VI и нејзината полусестра Мери I, попозната како Мери Тјудор или Крвавата Мери). Владеела околу 45 г., период што бил обележан со зголемување на англиската моќ и влијание во меѓународните односи, како и со големи религиозни нереди што беснееле внатре во Англија.
Елизабета I Elizabeth I | |
---|---|
Кралица на Англија и Ирска (повеќе...) | |
„Дарнлиев портрет“, ~ 1570 г. | |
Владеел(а) | 17 ноември 1558 — 24 март 1603 |
Крунисување | 15 јануари 1559 |
Претходник | Мери Тјудор |
Наследник | Јаков VI |
Династија | Тјудори |
Татко | Хенри VIII |
Мајка | Кралица Ана Болејн |
Роден(а) | 7 септември 1533 Плацентиска палата |
Умрел(а) | 24 март 1603 Ричмондска палата |
Погребан(а) | Вестминстерска опатија |
Владеењето на Елизабета е познато како Елизабетанско време или Златното време на кралицата Елизабета. Вилијам Шекспир, Кристофер Марло и Бен Џонсон живееле и твореле за време на оваа ера; Франсис Дрејк станал првиот Англичанец кој го обиколил светот; Франсис Бејкон ги изнел своите политички и филозофски гледишта; а англиското колонизирање на Северна Америка започнало благодарение на сер Волтер Рајли и сер Хамфри Гилберт. Елизабета била сигурна и силна владетелка. Нејзиното омилено мото било video et taceo („гледам и молчам“). Оваа нејзина стратегија, која честопати наидувала на нетрпение од нејзините советници, ја спасила од несоодветни политички и брачни односи. Исто како нејзиниот татко Хенри VIII, и Елизабета била писател и поет. Врачила кралски повластици на неколку значајни организации, меѓу кои Колеџот на Тројството во Даблин во 1592 г. и Источноиндиската компанија во 1600 г.
Во нејзиното 45-годишно владеење, доделила само девет благороднички достоинства една ерловска и седум баронски во рамките на кралството Англија и едно баронство во рамките на Ирска. Го намалила бројот на советници во нејзиниот Таен Совет од триесет девет на деветнаесет, а подоцна на четиринаесет.