Битка кај Битола (1912)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Битката кај Битола била битка во текот на Првата балканска војна која се водела од 16 до 19 ноември 1912 година. Битката завршила со победа на српската војска.
Битка кај Битола | |||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Дел од Прва балканска војна | |||||||
Битолска битка: распоред, позиции и правци на дејства |
|||||||
|
|||||||
Завојувани страни | |||||||
Кралство Србија | Османлиско Царство | ||||||
Команданти и водачи | |||||||
Петар Бојовиќ | Зеки паша Фети паша Џавид паша Кара Саид паша |
||||||
Сила | |||||||
108,544[1] | 38,350[2] | ||||||
Жртви и загуби | |||||||
539 убиени 2.121 ранети[3] | 1.000 убиени 2.000 ранети[3] |
По Кумановската битка, турската Вардарска армија, повлекувајќи се кон Битола, организирала заштитни боеви кај Присад и Алинци, со цел да добие време за собирање, средување и повторно комплетирање на своите единици, како и за привлекување на други трупи во својот состав. Планот на Зеки-паша бил да ја задржи Првата српска армија додека не се расчисти состојбата на Тракиското боиште. Борбениот распоред за одбрана го поставил од десниот брег на Црна Река и на реката Шемница преку Киромарица-Кочиште и Бел Камен. На таа линија биле утврдени турските позиции, а некои села биле организирани како отпорни точки. Зеки-паша дошол до погрешен заклучок дека српската војска ќе ги избегнува ридскиот и планинскиот терен и дека ќе напаѓа само долж патните правци Прилеп-Битола и Кичево-Битола.
Врз основа на таа процена го поставил следниот распоред: петтиот корпус (13. и 15. дивизија) на позициите од сливот на реката Шемница до село Кукуречани да го затвори правецот Кичево-Битола; шестиот корпус (16. и 17. дивизија) бил во резерва на просторот село Оризари, село Поешево. Предните одреди биле поставени кај село Древник, Мраморци и кај манастирот Св. Петар, а страничните одреди кај село Логоварди и кај Бел Камен. Во тоа време, два полка биле на марш од Охрид кон Битола. За Битолската битка Турците ангажирале вкупно околу 35.000 луѓе. На правецот кон Лерин била ангажирана 18. дивизија од 6. корпус.
Српската прва армија по Битката кај Алинци се задржала на заземените позиции и тука ги чекала Дунавската прва и Тимочката дивизија од вториот повик. За тоа време, штабот го анализирал распоредот на турските сили, со оглед на тоа дека точните податоци ги добиле од македонските месни чети. Штабот утврдил дека главниот удар треба да се изврши на Киромарица, со што ќе се урне целата турска одбрана. На 13 ноември го започнале движењето, а на 15 ноември 1912 година го зазеле следниот распоред: Моравската дивизија од првиот повик била на падините на Дрвеник, Дринската дивизија од првиот повик во рамницата од двете страни на патот Прилеп-Битола; Дунавската прва на левиот брег на Црна Река, а Коњаничката дивизија лево од неа. Тимочката втора пристигнала на 16 ноември, била разместена зад Дринската и ја образувала армиската резерва. Моравската втора од 3. армија што ѝ била потчинета на првата, тргнала од Кичево и се стационирала во реонот на Чагор. Српската војска ангажирала вкупно 68.000 луѓе.
Командантот на турскиот 5. корпус по повлекувањето од Прилеп ги распоредил единиците на позициите кај селото Алинци. Идејата на командантот на турската Западна војска била 5. корпус од позициите кај Алинци да изврши противнапад и повторно да го освои Прилеп. Позициите кај Алинци доминирале во однос на Прилепското Поле што овозможувало добар преглед и успешни дејства. Во близината пред турските позиции тече Штавичка река (Беровица), што кај селото Чепигово се влева во Црна Река.
Со оглед на тоа дека не постоеле можности за противнапад на Прилеп, командантот на Вардарската армија наредил 5. корпус да ги брани позициите кај Алинци и да го спречи пробивот на српската војска и македонските доброволци кон Битола. Штавичка Река и Црна Река биле надојдени, па поради тоа и од силните дождови земјата станала каллива, а се зголемиле и мочуриштата, што го отежнувало движењето на војските. Во случај на повлекување, турската војска можела да помине само преку мостовите кај селата Тополчани, Трн и Новаци.
На позициите кај Алинци можело да се напаѓа од три правци: преку селата Галичани и Веселчани, кон Чепигово. Овој правец овозможувал опфат на турското лево крило. Вториот правец започнувал од Прилеп преку Кобел, водел кон Алинци и Тополчани и излегувал до центарот на турските позиции. Третиот правец минувал преку западните падини на Селечката Планина преку селата Лагово, Рувци и Канатларци, излегувал на десното крило на турските позиции. Турските сили на средниот, т.е. главниот правец, ги распоредиле главните сили, односно 15. дивизија (три полка и 17 топови) во бројна состојба од околу 6.000 луѓе. Источните позиции ги бранела 13. дивизија (три полка, 10 топови, т.е. 6.300 луѓе), а западните позиции кај селото Галичани ги бранела Самостојната коњаничка бригада (600 луѓе). Резервата на 5. корпус во состав од 5. стрелечки полк (2.349 војници), 26. коњанички полк (433 војници) и две полски батерии биле разместени во реонот на селото Тополчани. Покрај наведениве сили, во составот на 5. корпус била вклучена жандармеријата со 655 луѓе и заднинските единици со 1.332 војника. Бројната состојба на 5. корпус за одбраната на позициите кај селото Алинци изнесувала вкупно 18.172 војници од кои 1.033 коњаници и 27 топови.