Бронзено време
период во историјата / From Wikipedia, the free encyclopedia
Бронзено време или бронзена доба — период на пресвртница, кога човекот станува свесен за улогата и значењето на металот во неговиот живот. Особено тоа се однесува на користењето на бронзата, која е легура на бакар и калај, чиј квалитет од своја страна ќе овозможи и поинтензивен економски живот.
Трипериоден систем | ||||
Холоцен | Железно време | Протоисторија | ||
Доцно бронзено време | ||||
Средно бронзено време | ||||
Младо бронзено време | ||||
Бронзено време | ||||
Бакарно време (енеолит) | ||||
Младо камено време (неолит) | Праисторија | |||
Мезолит / Епипалеолит | ||||
Плеистоцен | Доцен палеолит | |||
Среден палеолит | ||||
Ран палеолит | ||||
Палеолит | ||||
Камено време |
Се разбира, економскиот живот, го определил и правецот на општествениот, политичкиот и духовниот развој на популацијата која го има прифатено новиот тек на развиток во новооткриената технологија. Рапидниот економски прогрес резултирал со појава на првите европски градови, како што се Троја, Крит, Микена, кои се забележани во подоцнежните епохални литературни извори, како и градење на тврдини и владетелски палати. Во тие рамки се манифестирало и самото религиско сфаќање во склоп на архитектурата, сликарството и скулптурата. Веќе припитомениот коњ и користењето на колата, како во земјоделството, така и во воените походи, овозможиле ширење на сообраќајот, трговијата и комуникацијата дури и со географски најоддалечените области.
Бронзениот период е носител и на појавата на првото европско писмо, што се јавило на Крит. Временскиот распон од III и II милениум п.н.е. меѓу народите кои живеат во Егејската област, веќе го носи печатот на културно развиениот европски дух, додека северните земји сè уште живеат во претходниот стадиум од развојот на човештвото.
Економскиот развој, кој го координирал и севкупниот развиток на квалитетот на живеење, започнал од Југот-Егеја. Таму се изградиле првите европски центри, додека паралелно со нив, во останатите делови од Европа, сè се развивало постепено, со задоцнување, прекриени од слоевите на претходниот развоен стадиум на заедницата.
Како посебна одлика на секоја култура и период, погребувањето е доказ за постоењето на различните одлики меѓу народите. Во бронзенодопскиот период доаѓа до развој на гробови со згрчени покојници, но и до култури на тумули, полиња со урни и рамни некрополи. Носител на сличности за едно исто новопочнато обележје се гледа како меѓу две соседски, така и меѓу две најоддалечени територии.