Вилијам Блејк
From Wikipedia, the free encyclopedia
Вилијам Блејк (англиски: William Blake; 28 ноември 1757 — 12 август 1827 ) — англиски поет, визионер, сликар и бакрорезец. Сосема непознато во текот на неговиот живот, делото на Блејк денес се смета за единствено, оригинално и особено значајно во историјата на поезијата и ликовната уметност[1]. Според анкетата направена од страна на Би-би-си во 2002 година, Блејк е прогласен за 38. најголем Британец во историјата.
Вилијам Блејк William Blake | |
---|---|
Портрет на Вилијам Блејк од Томас Филипс (1807) | |
Роден/а | 28 ноември 1757(1757-11-28) Лондон, Англија |
Починат/а | 12 август 1827(1827-08-12) (возр. 69) Лондон, Англија |
Занимање | поет, сликар, бакрорезец |
Жанр | визионерство, поезија |
Книжевно движење | романтизам |
Значајни дела | „Песни на невиноста и искуството“, „Свадбата на Рајот и Пеколот“, „Четирите Зои“, „Ерусалим“, „Милтон: Поема“, „И дали тие древни нозе“ |
Сопруг/а | Кетрин Блејк (1782 — 1827) |
Според Нортроп Фрај, кој е еден од најзначајните истражувачи на целокупниот поетски опус на Блејк, неговите пророчки книги се „обратно-пропорционално на нивното значење, најнечитаните дела во историјата на англиската книжевност“. Многу ја имаат величано Блејковата оригинална работа во рамките на ликовната уметност и барем еден критичар има речено дека Блејк е „убедливо најголемиот сликар што го има дадено Британија“.[2] Долго време сметан за несекојдневен лудак, поради неговите идиосинкратични и ексцентрични идеи, денес Блејк се цени поради неговата експресивност и креативност, како и поради филозофската визија која го дефинира целокупното негово дело. Како што и самиот еднаш има речено, „Фантазијата не е Состојба: тоа е самото човеково постоење“.
Без разлика на тоа што денес неговата ликовна уметност и поезија се разгледуваат одделно, Блејк најчесто двете ги поврзува во една целина, формирајќи еден прекрасен склоп кој истовремено им се противи и ги надминува сите конвенции. Иако целиот живот верува во својата способност да зборува со библиските пророци, и и покрај неговата работа во однос на илустрирањето на „Книгата на Јов“, Блејковата несомнена приврзаност кон Библијата е постојано придружена со анимозитет спрема востановената црква, а самите негови верувања се обликувани преку неговата фасцинација со мистицизмот, кој пак ќе биде еден од столбовите на новороденото романтичарско книжевно движење.[3] Конечно, неможноста да се смести Блејк во ниту една хронолошки одредена фаза од развитокот на уметноста, е можеби одликата која најлесно го дефинира.