Дигитална мрежа на интегрирани услуги
From Wikipedia, the free encyclopedia
Дигитална мрежа на интегрирани услуги, скратено ДМИУ (англиски: Integrated Services Digital Network (ISDN)) — телекомуникациска мрежа која се темели на множество комуникациски стандарди за истовремен дигитален пренос на говор, видео, податоци и други мрежни услуги преку традиционалните кола на јавната комутирана телефонска мрежа. Првпат била дефинирана во 1988 година во црвената книга на CCITT[1]. Пред ДМИУ, телефонскиот систем бил систем за пренос на говор со некои специјални услуги за пренос на податоци. Клучната одлика на ДМИУ е што таа ги интегрира говорот и податоците на исти линии, додавајќи му класичниот телефонски систем одлики кои претходно не биле достапни. ДМИУ стандардите дефинираат неколку вида на пристапни интерфејси, како основен пристап (BRI), примарен пристап (PRI), теснопојасен ДМИУ (N-ISDN) и широкопојасен ДМИУ (B-ISDN).
ДМИУ е телефонска мрежа со комутација на кола, која обезбедува пристап и до мрежите со комутација на пакети, дизајнирана да обезбедува дигитален пренос на говор и податоци преку телефонски бакарни жици притоа обезбедувајќи повисок квалитет на говорот во однос на аналогните телефони. Истата обезбедува врски со комутација на кола (за говор и податоци) и врски со комутација на пакети (за податоци) со чекор од 64 kbit/s. Во одредени земји, вклучувајќи ја и Македонија, најголемата примена на ДМИУ била за пристап на семрежјето, при што ДМИУ типично обезбедува максимален пропусен опсег од 128 kbit/s во двете насоки.
При видеоконференции, ДМИУ истовремено обезбедува пренос на говор, видео и текст меѓу индивидувални и групни видеоконференциски системи.