Дијабетична кетоацидоза
From Wikipedia, the free encyclopedia
Дијабетична кетоацидоза (ДКА) е потенцијално животозагрозувачка компликација на дијабетес мелитус.[1] Знаците и симптомите може да вклучуваат повраќање, абдоминална болка, длабоко и забрзано дишење, често мокрење, слабост, конфузија и повремено губиток на свест.[1] Некогаш се јавува специфичен мирис на ацетон во здивот.[1] Симптомите се јавуваат брзо.[1] Лицата без претходна дијагноза на дијабетес може да развијат ДКА како прв очигледен симптом.[1]
Дијабетична кетоацидоза | |
---|---|
Дехидрацијата може да биде тешка кај дијабетична кетоацидоза, и обично се потребни интравенски течности како дел од нејзиниот третман. | |
Специјалност | Ендокринологија |
Симптоми | Повраќање, абдоминална болка, длабоко и забрзано дишење, полиурија, конфузија, специфичен мирис[1] |
Компликации | Церебрален едем[2] |
Вообичаена појава | Релативно брза[1] |
Причинители | Недостиг на инсулин[3] |
Ризик-фактори | Вообичаено кај тип 1 дијабетес, поретко кај другите типови[1] |
Дијагностички метод | Хипергликемија, ацидоза, високо ниво на кетокиселина[1] |
Диференцијална дијагноза | Хиперосмоларна хипергликемиска состојба, алкохолна кетоацидоза, уремија, труење со салицилати[4] |
Третман | Интравенски течности, инсулин, калиум[1] |
Честота | 4–25% од луѓето со тип 1 дијабетес на годишно ниво[1][5] |
ДКА најчесто се јавува кај лица со тип 1 дијабетес но може да се јави и кај другите типови под одредени околности.[1] Тригери може да бидат инфекција, нередовно и неправилно земање на инсулинот, мозочен удар и одредени лекови како стероиди.[1] ДКА се јавува како резултат на недостиг на инсулин во организмот; поради што започнува процес на разложување на масните киселини и создавање на кетонски тела.[3] ДКА вообичаено се дијагностицира врз основа на високо ниво на гликоза во крвта, ниска pH на крвта и присуство на кетокиселини во крвта или урината.[1]
Примарниот третман на ДКА вклучува интравенски течности и инсулин.[1] Во зависност од сериозноста, инсулинот може да биде даден интравенски или поткожно.[3] Вообичаено, се дава и калиум со цел да се превенира развојот на хипокалемија.[1] Во текот на третманот, треба да бидат следени нивото на гликоза и калиум во крвта.[1] Треба да биде идентификуван причинителот на ДКА.[6]
Стапката на ДКА е различна во разни делови од светот.[5] Во Обединетото Кралство, околу 4% од луѓето со тип 1 дијабетес развиваат ДКА секоја година, додека во Малезија 25% од луѓето со тип 1 дијабетес развиваат ДКА секоја година.[1][5] ДКА прв пат била опишана во 1886, и до воведувањето на инсулинската терапија во 1920-те, била речиси универзално фатална.[7] Ризикот за смртност со адекватен и навремен третман е помеѓу <1% и 5%.[1][6]