Единица за брза интервенција „Лавови“
From Wikipedia, the free encyclopedia
Единица за брза интервенција „Лавови“ — поранешна полициска единица во составот на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија која била составена од доброволци. За нејзин командант бил назначен Горан Георгиевски, убиен во престрелка во Куманово, 2005 година. Заштитник на единицата е Свети Димитриј Солунски. Поранешните припадници јубилејот на единицата го слават на 23 април.
Единица за брза интервенција „Лавови“ | |
---|---|
Обележје на ЕБИ „Лавови“ | |
Активна | 2001 — 2003 |
Земја | Македонија |
Припадност | МВР на РМ |
Големина | 1,300 |
Штаб | Стенковец |
Прекари | Лавови |
Заштитник | Свети Димитриј Солунски |
Гесло | „Подобро еден ден лав, отколку цел живот овца“ |
Маскота | Лав |
Годишнини | 23 април |
Битки | Заседа Требош (2001) |
Команданти | |
Истакнати команданти | Горан Георгиевски Горан Стојков |
Таа била формирана во летото 2001 година од страна на Љубе Бошкоски, тогашен министер за внатрешни работи, со цел да се зголеми бројот на човечката сила на бојните полиња. Еден од позначајните настани на единицата е Заседата кај Требош во која загинуваат тројца нејзини припадници.
По завршувањето на војната, нејзиниот статус бил нејасен, поради што припадници на единицата направиле блокада на патот Скопје - Блаце. Во 2003 година единицата била расформирана. По нејзиното распуштање, се јавуваат големи контроверзии при што многу од нејзините припадници биле нападнати или убиени. Денес, поголем дел од поранешните припадници на единицата се организирани во неколку непрофитни организации, сепак одреден број се прераспоредени во други специјални единици во министерството.