Електрицитет
From Wikipedia, the free encyclopedia
Електрицитет — збир физички појави што произлегуваат од присуството и текот на електричен набој. Предизвикува различни мошне познати ефекти, како што се молњата, статичниот електрицитет, електромагнетната индукција и протокот на електрична струја. Покрај ова, електрицитетот го овозможува создавањето и примањето на електромагнетно зрачење како што се радиобрановите.
Набојот создава електромагнетни полиња кои делуваат врз други полнежи. Електрицитетот се јавува како последица од неколку вида физички појави:
- електричен набој (полнеж): својство на некои субатомски честички кое ги одредува нивните електромагнетни заемодејства. Кога материјата е под набој, таа трпи влијанија од и самата оддава електромагнетно поле.
- електрична струја: движење или проток на честички под набој, изразено во ампери.
- електрично поле (вид. електростатика): особено прост вид на електроматнетно поле што го оддава електричниот набој дури и кога не се движи (т.е. кога нема електрична струја). Има дејство на сила врз другите полнежи во негова близина. Кога полнежите се движат, тие создаваат и магнетно поле.
- електричен потенцијал: количинската способност на електричното поле да врши работа врз електричен полнеж, изразена во волти.
- електромагнети: струјата создава магнетно поле, а промените во полето создаваат струја.
Во електротехниката, електрицитетот се применува во:
- електричен погон — каде струјата ѝ дава енергија на опремата, направите и постројките;
- електроника — се занимава со струјни кола што имаат активни електрични компоненти како електронски лампи, транзистори, диоди и интегрални кола и пасивни поврзувачи.
Електричните појави се предмет на изучување уште од стариот век, но до исправен теоретски увид се дошло многу подоцна (XVII и XVIII век). Но дури и тогаш електрицитетот имал многу мала применлива вредност. Оваа состојба значајно се изменила со развојот на електротехниката кон крајот на XIX век, кога електрицитетот нашол широка примена во стопанството и домот. Електрификацијата имала длабоко влијание врз индустриското производство и општеството во целина. Благодарение на многустраноста на електрицитетот, тој е практично неограничен во примената: покрај индустријата и апаратите, тој има суштинска улога во превозот, загревањето, осветлувањето, телекомуникациите и информатиката и како таков претставува столб на современото стопанство.[1]