Ерменски геноцид
From Wikipedia, the free encyclopedia
Ерменски геноцид (ерменски: Հայոց ցեղասպանություն, Хајоѕ ѕегаспанутјун, hyⓘ; турски: Ermeni soykırımı), во ерменската историографија познат и како Големото злосторство (ерменски: Մեծ Եղեռն, Меѕ јегерн, hyⓘ), а познат и под називите Ерменски холокауст и Ерменски масакар (турски: Ermeni Kırımı)[б 1] — систематско и континуирано етничко чистење, протерување и масовно убиство на припадници на ерменскиот народ во Отоманската империја за време на Првата светска војна, извршено по наредба на тогашните османлиски власти. Иако османлиските власти воделе континуирана политика на прогон и депортација на ерменското население, особено во Мала Азија помеѓу 1894 година и 1923 година, најголемиот обем на протерувања и убиства се случил во текот на 1915 година. Според различни проценки, во ова злосторство биле убиени помеѓу 800.000 и 1.500.000 припадници на ерменскиот народ од Отоманската империја, а паралелно со прогонството врз Ерменците, османлиските власти прогонувале и други христијански народи, како што се Асирците и Понтиските Грци. Потомците на протераните Ерменци од Отоманската империја денес претставуваат основа на современата ерменска дијаспора која е распространета низ целиот свет.
Ерменски геноцид | |
---|---|
ерменски: Մեծ Եղեռն турски: Ermeni soykırımı | |
Место | Османлиско Царство |
Датум | 1915 |
Цел | ерменско население |
Вид напад | депортација, масовно убиство, етничко чистење |
Мртви | 600.000 - 1.800.000[1][2][3] |
Сторители | Младотурска влада |
Бруталниот прогон врз Ерменците и другите христијански народи во Отоманската империја започна кон крајот на 19 век за време на владеењето на султанот Абдул Хамид Втори, а кулминирал по Младотурската револуција во 1908 година и доаѓањето на Младотурците (турски: Jön Türkler) на власт во земјата. Како главни нарачатели и извршители на геноцидот врз Ерменците во текот на 1915 година се истакнатите членови на младотурската националистичка партија Мехмед-паша Талат, Енвер-паша Исмаил и Ахмед Џемал-паша, како и водачот на специјалната воена единица Тешкилат-и махсуса (турски: Teşkilât-ı Mahsusa) Бахаедин Шакир.
На 24 мај 1915 година, Обединетото Кралство, Франција и Русија го усвоиле текстот на заедничката декларација со која за прв пат во правната пракса тие директно ја обвиниле земјата за злосторство против човештвото извршено врз припадниците на ерменската заедница во тогашна Турција.[4] Меѓународната асоцијација за проучување на злосторства на геноцид во јуни 1997 година ги прогласила масовните убиства и прогони на ерменското население во Турција за време на Првата светска војна за геноцид.[5]
Американскиот адвокат Рафаел Лемкин кој во 1943 година го конструирал поимот геноцид како најсериозна форма на масовни злосторства, во своите тези ги навел злосторствата врз Ерменците во Турција како примери на организирани убиства и протерувања со цел целосно отстранување на една заедница од одредена област. На овој начин, ерменскиот геноцид бил означен како прво „модерно злосторство на геноцид“ во 20 век и по холокаустот во Втората светска војна, е вториот по бројот студиски трудови за злосторство на геноцид во историјата.
До крајот на 2019 година, вкупно 31 земја ги призна масовните убиства на Ерменците како геноцид, вклучително и Русија, Франција, Германија, Канада, Италија, САД и Ватикан, како и Советот на Европа (злосторството официјално е означено за геноцид на 14 мај 2001 година). Република Турција како правен наследник на Отоманската империја, го негира злосторството на геноцид и ги означува масовните злосторства врз Ерменците во тој период како ерменски масакр (турски: Ermeni Kırımı) предизвикано од превирањата за време на војната во таа земја. Покрај Турција, единствената земја што го негира геноцидот врз Ерменците е Азербејџан.
Централниот меморијален комплекс посветен на жртвите на ерменскиот геноцид Цицернакаберд (ерменски: Ծիծեռնակաբերդ) е изграден во 1967 година во Ереван, а во рамките на комплексот во 1995 година е отворен Меморијалниот музеј и Институтот за проучување на ерменскиот геноцид (ерменски: Հայոց ցեղասպանության թանգարան-ինստիտուտ). 24 април се одбележува во Ерменија, Арцах и меѓу ерменската дијаспора како Ден на сеќавање на жртвите од Ерменскиот геноцид.