Жарулка
From Wikipedia, the free encyclopedia
Жарулката, инкандесцентната светилка, односно класичната електрична светилка е вештачки извор на светлина која се создава кога електричната струја поминувајќи низ тенко (волфрамово) влакно го загрева до усвитување, кое потоа почнува да зрачи светлина. Зрачењето на светлина всушност е предизвикано од топлината. Стаклениот балон спречува металното влакно да дојде во допир со кислородот од околниот воздух (со што би била уништена).
Класичните светилки се произведуваат за различни напони (од 1,5 до 300 V) и во различни големини. Имаат едноставна конструкција и затоа нивната цена за производство е ниска. Работат многу добро на наизменична и еднонасочна струја.
Жарулката нашла широка примена, како во куќната така и во индустриската комерцијална употреба. Заради тоа што произведува и прилична количина на топлина се користи во разни цели каде покрај светлината е потребна и помала количина на топлина, на пр. инкубатори, кај младата живина, процеси на сушење, итн.
Денес наголемо се јавува тенденција на замена на жарулките со други видови светилки, главно заради помалата потрошувачка на енергија. Доста држави (вклучувајќи ги и членките на ЕУ) одат толку далеку што планираат целосна забрана на користење на жарулките заради потребата да се намали потрошувачката на електрична енергија.