Засилувач
From Wikipedia, the free encyclopedia
Засилувач, електронски засилувач — електронски уред што може да ја зголеми моќноста на сигналот ( напон или струја што варира во време). Тоа е двопортно електронско коло што користи електрична енергија од напојување за да ја зголеми амплитудата на сигналот кој доаѓа на влезната порта, произведувајќи пропорционално поголем амплитуден сигнал на неговиот излез. Количината на засилување обезбедена од засилувачот се мери со неговото засилување: односот на излезниот напон, струја или моќноста со соодветниот влезен. Засилувач е коло кое има засилување поголемо од еден.[1][2][3]
Засилувачот може да биде одделно парче опрема или електрично коло содржано во друг уред. Засилувањето е фундаментално за модерната електроника, а засилувачите нашироко се користат во скоро цела електронска опрема. Засилувачите можат да се категоризираат на различни начини. Едниот е според честотата на електронскиот сигнал. На пример, аудиозасилувачите ги засилуваат сигналите во опсегот на аудио (звук) помал од 20 kHz, RF засилувачите ги засилуваат честотите во опсегот на радиочестотите помеѓу 20 kHz и 300 GHz, и сервозасилувачите и мерните засилувачи може да работат на многу ниски честоти блиски до еднонасочната струја. Засилувачите исто така можат да се категоризираат според нивната физичка поставеност во веригата на сигнали; на пример, предзасилувач е склоп кој им претходи на други фази на обработка на сигналот.[4] Првиот практичен електричен елемент што можел да засилува била триодата, вакуумска цевка измислена во 1906 година од Ли Де Форест, што довело до првите засилувачи околу 1912 година. Денес повеќето засилувачи користат транзистори[5].