Злосторство против човештвото
From Wikipedia, the free encyclopedia
Злосторство против човештвото (понекогаш се нарекува и злосторство против човечноста) ― преземања на акти или систематски напади насочени против цивилното население. Овие напади обично се извршуваат од (или во име на) некој авторитет, најчесто од (или во име на) државата и претставуваат грубо кршење на човековите права. За разлика од воените злосторства, злосторствата против човештвото не секогаш се случуваат за време на војна, и се однесуваат на општо применувана практика, а не на дела извршени од поединци.[1] Иако злосторствата против човештвото се однесуваат на дела извршени од или во име на властите, тие не мора да бидат дел од официјална политика, потребно е само да бидат толерирани од властите. Првото судење за злосторства против човештвото бил Нирнбершкиот процес.
По судењата во Нирнберг, обвинениета за злосторствата против човештвото ги преземаат други меѓународни судови (на пример, од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, Меѓународниот кривичен суд за Руанда и Меѓународниот кривичен суд), но и домашните судови.
За разлика од воените злосторства, злосторства против човештвото можат да се извршат и во мирновременски услови.[2] Војна за агресија, воени злосторства, убиства, масакри, дехуманизација, геноцид, етничко чистење, депортации, неетичко експериментирање со луѓе, вонсудски казни вклучувајќи кратки погубувања, употреба на оружје за масовно уништување, државен тероризам или државно спонзорство на тероризам , киднапирање и присилните исчезнувања, употребата на деца војници, неправедно затворање, ропство, тортура, силување, политичка репресија, расна дискриминација, верско прогонство и други прекршувања на човековите права може да го достигнат прагот на злосторства против човештвото ако се дел од широко распространета или систематска практика .