![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/5/5a/%25D0%25A1%25D0%25B2._%25D0%2590%25D1%2580%25D1%2585%25D0%25B0%25D0%25BD%25D0%25B3%25D0%25B5%25D0%25BB_%25D0%259C%25D0%25B8%25D1%2585%25D0%25B0%25D0%25B8%25D0%25BB.jpg/640px-%25D0%25A1%25D0%25B2._%25D0%2590%25D1%2580%25D1%2585%25D0%25B0%25D0%25BD%25D0%25B3%25D0%25B5%25D0%25BB_%25D0%259C%25D0%25B8%25D1%2585%25D0%25B0%25D0%25B8%25D0%25BB.jpg&w=640&q=50)
Македонски стил
From Wikipedia, the free encyclopedia
Македонски стил (познат и како Вардарски стил или Вардарска школа) — правец во средновековното византиско градителство и уметност односно во црковната архитектура и фрескосликарство, кој настанал на просторот на Македонија (поточно Вардарска Македонија) и денешно Косово кон крајот на XIII и почетокот на XIV век.
За разлика од претходниот Рашки стил, вардарскиот или македонски стил бил под влијание на палеолошката ренесанса во градителството (архитектурата) и уметноста (фрески и икони), која станала обврзувачка од времето на Стефан Урош II Милутин (1282-1321). Овој уметнички правец започнал да се шири од византиските и македонски уметнички центри Солун, Охрид и Света Гора (Атос) кон северните делови на денешна Македонија и особено во средновековните српски земји во денешно Косово, заради што некои го нарекуваат и српско-византиски стил. Во овие предели настанале главните дела на македонскиот стил или македонската школа (наречено во 1916 година од Габриел Милет[1]) од кои најпознати се Лесновскиот манастир, Жеглиговскиот манастир над Матејче, црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, кулминирајќи со манастирот во Грачаница.
Од градбите и фреските на црквите изградени во македонскиот или вардарски стил се одликуваат и истакнуваат раскошот и богатството, што е последица на стопанскиот подем во Рашката држава по возобновувањето на рударството, особено на ископот на сребро, во времето на Стефан Урош I.