Мирча Елијаде
романски историчар, писател и филозоф / From Wikipedia, the free encyclopedia
Мирча Елијаде (романски: Mircea Eliade; 9 март 1907 во Букурешт — 22 април 1986 во Чикаго) — историчар на религијата, писател, филозоф и професор на Чикашкиот универзитет, водечки толкувач на религиите, воспоставува парадигми во проучувањата на религиите што важат и денес. Неговата теорија за хиерофаниите ги дава основите на религијата и го дели човековото искуство на свет и световен простор и на време.[1] Меѓу неговите најзначајни придонеси во проучувањето на религиите е неговата теорија за Вечното враќање, според кое митовите и ритуалите не одаваат само почит на хиерофаниите туку и учествуваат во нив.[1]
Мирча Елијаде | |
---|---|
Мирча Елијаде | |
Изворно име | Mircea Eliade |
Роден/а | Мирча Елијаде 9 март 1907 Букурешт, Романија |
Починат/а | 22 април 1986 Чикаго, Илиноис, САД |
Занимање | историчар, филозоф, писател, новинар, есеист |
Народност | Романец |
Период | 1921–1986 |
Жанр | Фантастика, автобиографија, литература, патување |
Предмет | историја на религијата, фиозофија на религијата, историја на културата, политичка историја |
Книжевно движење | = Модернизам Критерион Егзистенцијализам |
Неговата литерарна работа припаѓа на жанрот на фантастиката и на автобиографскиот роман. Негови најдобри дела се Бенгалси ноќи, Летни ноќи ("Забранета шума"), Изабела и ѓаволските води и Роман за кратковидот адолесцент, романите Госпоѓица Кристина и Младост без младост и кратките раскази Тајната на д-р Хонигбергер и Циганка.
Уште во младоста Елијаде е познат новинар и есеист, следбеник на романскиот филозоф и новинар Нае Јонеску од екстремната десница и член на литерарното друштво Критерион. Во 1940 година тој е културно аташе во Обединетото кралство и во Португалија. Во доцните триесетти години, Елијаде јавно ги поддржува Железната гарда и фашистичките и антисемитиски политички организации. Неговите политички интереси од тоа време, како и другите негови екстремнодесничарски врски, често биле критикувани по Втората светска војна.
Познат по својата огромна ерудиција, Елијаде течно говорел пет јазици (романски, француски, германски, италијански и англиски), а читал на (хебрејски, персиски и санскрит). Посмртно е избран за член на Романската академија.