Номенклатура на територијални статистички единици
From Wikipedia, the free encyclopedia
Номенклатурата на територијални статистички единици или NUTS (од фр. nomenclature d'unités territoriales statistiques) — геокоден стандард за означување на административните единици на земјите за статистички цели. Стандардот е на Европската Унија и затоа подробно ги разработува само нејзините членки. NUTS игра клучна улога во работењето на Структурните фондови на ЕУ.
Организацијата Евростат на секоја земја ѝ доделува три степени. Регионите на некои степени не се совпаѓаат со административните единици на земјата. Кодот на NUTS почнува со двебуквен код за земјата (исто што и кодот од ISO 3166-1 алфа-2 освен UK наместо GB кај Велика Британија). Потоа делбената единица има свој број. Единиците од втор и трет степен имаат свои дополнителни броеви. Броевите почнуваат со 1, бидејќи 0 означува повисок степен. Во случаи кога има повеќе од девет единици се користат големи букви како дополнување. Сличен систем важи и за земјите-кандидати и членките на Европската асоцијација за слободна трговија, но тие технички не се дел од NUTS, и затоа за нив не важат тие регулативи.
Тековната класификација на NUTS (важечка 1 јануари 2008 - 31 декември 2011) содржи 97 региони на NUTS 1, 271 региони на NUTS 2 и 1303 региони на NUTS 3).[1]
Покрај трите нивоа за секоја земја од ЕУ, сите останати земји во светот имаат NUTS-код со двебуквен код за континент и две бројки за земја. Сојузните држави, покраините и териториите во САД, Канада и Австралија имаат посебна нумерација. Во системот постојат извесни аномалии: на пр. Гибралтар се наведува како територија вон ЕУ со кодот EO21, додека пак Француска Гвајана е наведена двапати, еднаш како дел од Франција (код: FR930) и еднаш како територија во Јужна Америка (код: AS13). Во извесна мера NUTS е сличен на стандардот ISO 3166-2 и стандардот FIPS 10-4 во САД.