Палеоцен
From Wikipedia, the free encyclopedia
Палеоцен ― геолошка епоха која траела од пред околу 66 до пред 56 милиони години. Тој е прва епоха од палеогенскиот период во кенозојската ера. Името потекнува од старогрчкиот збор палаиос (παλαιός) што значи „стар“ и еоценската епоха (кој следи по палеоценот), или во буквален превод „стар дел од еоценот“.
Систем | Оддел | Степен | Старост (мг) | |
---|---|---|---|---|
неоген | миоцен | аквитан | помладо | |
палеоген | олигоцен | хат | 23,0 | 27,8 |
рупел | 27,8 | 33,9 | ||
еоцен | пријабон | 33,9 | 37,8 | |
бартон | 37,8 | 41,2 | ||
лутет | 41,2 | 47,8 | ||
ипрес | 47,8 | 56,0 | ||
палеоцен | танет | 56,0 | 59,2 | |
зеланд | 59,2 | 61,6 | ||
дан | 61,6 | 66,0 | ||
креда | горна креда | мастрихт | постаро | |
Поделба на палеогенот согласно МКС, 2017 г.[1] |
Во палеоценот се случиле два настана важни за историјата на Земјата. Кредо-палеогенското масовно изумирање, предизвикано од удар на астероид (ударот на Чикшулуб) и најверојатно вулканска активност (Декански стапици), кој го означува почетокот на палеоценот и убил 75% од видовите, меѓу кои најпознати се нелетечките диносауруси. Крајот на епохата бил означен со палеоценско-еоценскиот топлински максимум (ПЕТМ), кога настанале големи климатски промени при што во атмосферата и океанските системи биле ослободени околу 2.500-4.500 гигатони јаглерод, кој предизвикал нагол раст на просечната температура во светот и закиселување на океаните.
Во палеоценот, континентите од северната хемисфера меѓусебе биле сè уште поврзани со копнени мостови; а Јужна Америка, Антарктикот и Австралија сè уште не биле целосно разделени. Карпестите планини биле во процес на издигнување, Америка сè уште не била споена, Индиската плоча почнала да се судира со Азија, а во третиот по големина магматски настан во последните 150 милиони години се формирала северноатлантската магматска област. Во океаните, термохалинското кружење веројатно било многу поинакво од денешното, при што понирањето се случувало во Северниот Пацифик наместо во Северен Атлантик, а густината на водата претежно била контролирана од соленоста, а не од температурата.
Кредо-палеогенското масовно изумирање предизвикало пресврт кај растителните и животинските видови, при што претходно доминантните видови биле заменети со претходно невообичаени видови. Во палеоценот, глобалната просечна температура изнесувала околу 24–25 °C (75–77 °F), во споредба со денешните 14 °C (57 °F), на Земјата немало ледени покривки на половите, како и во претходниот мезозоик. Во такви услови, целата Земја била покриена со шуми - ги имало и на половите - но растителниот свет се одликувал со мал биодиверзитет, а во шумите живееле претежно мали животни кои брзо се развивале за да ги искористат предностите од неодамна испразнетата Земја. Иако некои животни пораснале многу големи, повеќето од нив останале прилично мали. Во отсуство на големи тревопасни животни, шумите станале доста густи. Во палеоценот се појавиле цицачите, а најраните плацентарни и торбари цицачи се регистрирани од ова време, но повеќето палеоценски таксони имаат двосмислени афинитети . Зракоперките почнале да доминираат во отворениот океан.