Пченица
From Wikipedia, the free encyclopedia
Пченицата (лат. Triticum spp.)[1] е најважна житна култура која се одгледува ширум светот. Глобално, таа е најважното зрнесто растение кое се користи во исхрана на луѓето и, веднаш после пченката, е најмасовно произведена житна култура; додека на трето место е оризот. Со неа се исхранува 40% од населението во светот. Пченицата потекнува од пределите на Левант и Блискиот Исток.[2][3] Археолошките пронајдоци укажуваат дека припитомувањето на пченицата првпат се случило во подрачјето познато како „Плодна полумесечина“, по долините на реките Нил во Египет и Тигар и Еуфрат во Месопотамија.
Пченица | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Plantae |
Нерангирано: | Magnoliophyta |
Нерангирано: | Liliopsida |
Ред: | Poales |
Семејство: | Poaceae |
Потсемејство: | Pooideae |
Племе: | Triticeae |
Род: | Triticum L. |
Видови | |
T. aestivum Наводи: |
Пченичните зрна се главен прехранбен производ од кои се добива брашно за производство на леб, тестенини, колачи итн.; се употребува и за ферментација во производството на пиво, вотка, алкохол и биогориво. Од лушпите на зрната, кои се одвојуваат при нивна обработка, се прават трици. Сламата се користи за постилање на штали, но и како градежен материјал за изработка на покриви и за ѕидање.
Пченицата се вбројува во житни растенија кои се култивираат на големи земјоделски површини, најголеми за култивација во споредба со сите други видови на култивирани растенија. Светската трговија со пченица е поголема од трговијата со сите други житни култури заедно.[4] Таа е најголем извор на растителни белковини во човековата исхрана, затоа што има поголема содржина на белковини од другите две значајни житни култури, пченката и оризот.[5] Според процентот на потрошувачка за храна, таа е на второ место после оризот, а пред пченката, која се користи повеќе за исхрана на домашните животни.
Пченицата најдобро успева во умерените топлински појаси, и тоа во низините, котлините, речните долини и на други места. Пченицата, како лебно жито, во Република Македонија е најзастапената култура. Се произведува на површина од околу 100.000 хектари. Главно успева во рамниците на котлините, а најзастапена е во Пелагонија, во Овче Поле, во Кумановската и во Скопската Котлина, во Тиквеш и во Полог. Претежно успева на почви богати со хранливи материи (црнини, алувијални почви, смолници и сл.).