Среден век

период во европската историја од V до XV век / From Wikipedia, the free encyclopedia

Среден век или средновековен период — дел од европската историја кој траел од V до XV век. Пропаѓањето на Западното Римско Царство го означува почетокот на средниот век, а потоа следуваат ренесансата и големите географски откритија. Средниот век е средниот период од традиционалната поделба на западната историја на класични, средновековни и модерни периоди. Периодот е поделен на ран среден век, развиен среден век и доцен среден век.

Депопулацијата, деурбанизацијата и варварските напади коишто започнале во Доцната антика продолжиле и во Раниот среден век. Варварските освојувачи формирале нови царства на урнатините од Западното Римско Царство. Во 7-от век, наследниците на Мухамед, ги освоиле Северна Африка и Блискиот Исток коишто некогаш биле дел од Источното Римско Царство (Византија), и ги присвоиле кон Исламското царство. И покрај тоа што имало значителни промени во општеството и политичките структури и прекинот со Антиката не бил целосен, сепак тоа не ја спречило големото Византиско царство да опстане и да остане голема сила. Јустинијановиот Кодекс, којшто воедно бил и кодекс на закони на царството, бил ценет и пошироко. На запад повеќето царства ги вклучиле постоечките римски институции во својот состав, додека пак, ширењето на христијанството во Западна Европа предизвикало зголемување на бројот на манастири. Франките предводени од династијата на Каролинзите создале царство којашто го зафаќала поголемиот дел од Западна Европа. Империјата на Каролинзите се распаднала во 9 век кога им подлегнала на притисоците од инвазијата на Викинзите од север, Маѓарите од исток и Сарацените од југ.

За време на Развиениот среден век, којшто започнал по 1000-тата година од н.е. бројот на населението во Европа се зголемил, во голема мера тоа се должело на технолошките и земјоделските новитети коишто овозможиле развивање на трговијата и зголемување на доходите. Два од начините на коишто општеството било организирано во Развиениот среден век се, тимаро-спахискиот систем којшто претставува организација на граѓаните од селата коишто биле потчинети од благородниците и феудализмот- политички состав каде што витезите и понискиот слој на благородници биле обврзани да извршуваат воена служба кај нивните господари во замена за изнајмување на земјиште и чифлизи. Крстоносните војни, коишто за првпат се случиле во 1095 година, претставувале воени обиди од страна на западноевропските христијани,чијашто цел била да се поврати контролата над Светата земја од Блискиот Исток којашто била одземена од муслиманите. Кралевите станале шефови на централизирани држави, го намалиле криминалот и насилството но со тоа идеалот за обединување на христијанскиот народ бил сѐ подалечен. Схоластиката, филозофијата коишто во прв план го ставиле здружувањето на верата со разумот и основањето на универзитети, претставувале обележје на интелектуалниот живот. Филозофијата на Тома Аквински, сликите на Џото, поезијата на Данте и Чосер, патувањата на Марко Поло и архитектурата на готските катедрали како Шартр, се дел од извонредните достигнувања од овој период.

Тешкотиите и несреќите меѓу кои гладот, чумата и војната се сметаат за обележје на Доцниот среден век се, а воедно тие довеле и до намалувањето на популацијата во Западна Европа. Во периодот од 1347 година до 1350 година, Црната Смрт понела со себе околу една третина од Европската популација. Паралелно со војувањето меѓу државите, граѓанската војна и селанските буни имало и контроверзии, ерес и раскол во Црквата и сите заедно ја отсликувале состојбата во царствата. Културните и технолошките достигнувања му дале нов лик на Европското општество а со тоа го означиле крајот на Доцниот среден век и почетокот на Раниот модерен период.