![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/9/95/Treblinka_I_Arbeitslager_2-12-1941.jpg/640px-Treblinka_I_Arbeitslager_2-12-1941.jpg&w=640&q=50)
Треблинка
From Wikipedia, the free encyclopedia
Треблинка бил логор на смртта на Нацистичка Германија во окупираната Полска за време на Втората светска војна.[1] Повеќе од 750.000[2] Евреи, Роми и други жртви на холокаустот биле убиени во Треблинка помеѓу јули 1942 и октомври 1943 г. Логорот бил сместен 100 km североисточно од Варшава[3], 2,5 km од местото Треблинка. Логорот бил организиран во два дела: Треблинка I и Треблинка II.
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/9/95/Treblinka_I_Arbeitslager_2-12-1941.jpg/320px-Treblinka_I_Arbeitslager_2-12-1941.jpg)
Треблинка бил еден од логорите на смртта создадени во рамки на Операцијата Рајнхард наменета за целосно уништување на Евреите во Полска. Другите три логори во таа операција биле Белзец, Собибор и Мајданек.[4] Операцијата директно ја раководел Хајнрих Химлер. Пред Операцијата Рајнхард, Евреите биле затворани во гета и биле убивани, најчесто од групи на СС. Но, станало јасно дека планот за целосно уништување на Евреите не може да се изведе на овој начин. Затоа била смислена Операцијата Рајнхард и биле формирани 4 логори за уништување на Евреите од гетата. Треблинка била готова на 24 јули 1942. Само за два и пол месеци, од отворањето до 3 октомври 1942, во Треблинка биле донесени преку 310.000 Евреи од Варшавското гето.[5]
На 22 март 1943 Евреите од Македонија, околу 7200 на број, биле насилно одведени од страна на Бугарскиот окупатор од нивните домови и собрани во скопскиот монопол. Оттука биле транспортирани во Треблинка и сите биле убиени.
Во август 1943 затворениците во Треблинка се побуниле, дошле до оружјето на стражарите и го запалиле логорот. Германците крваво го задушиле бунтот: од 1.500 затвореници, само 40 останале живи. Наскоро логорот престанал да работи, а дотогаш и неговата задача била завршена: речиси сите Евреи во Полска и низ Европа биле убиени. Операцијата Рајхард завршила и четирите логори биле затворени во октомври 1943.