Фондапаринукс
хемиско соединение / From Wikipedia, the free encyclopedia
Фондапаринукс (латиница: fondaparinux) е профилактичко и терапевтско средство кое се користи за инхибирање на коагулацијата на крвта и е првиот претставник на сопствената класа на супстанции, селективни инхибитори на факторот Xa.
Фондапаринкукс е синтетички произведен, селективен инхибитор на активираниот фактор X (Xa). Антитромботичната активност на фондапаринукс се должи на селективна инхибиција на факторот Xa со посредство на антитромбин III (AT III). Со селективно врзување за AT III, фондапаринукс ја потенцира (приближно 300 пати) активноста на антитромбин III во инхибирање на факторот Xa . Инхибицијата на факторот Xa доведува до прекин на каскадата за коагулација на крвта и со тоа сеспречува формирањето на тромбин и растот на тромбите.[1]
Во споредба со стандардниот хепарин (нефракциониран хепарин, UFH) или хепаринот со ниска молекуларна тежина (LMWH), третманот со фондапаринукс делува со поселективна инхибиција на коагулацијата и со помалку несакани ефекти, вклучително и на функцијата на тромбоцитите. Фондапаринукс не се врзува за тромбоцитниот фактор 4 и затоа не може да предизвика тромбоцитопенија индуцирана од хепарин. Хемиски, фондапаринукс се состои од пет јаглехидратни единици од молекулата на хепарин на кои се должи дејството. Фондапаринукс носи дополнително уште една сулфатна група (на првиот шеќер).[2]
Фондапаринукс е одобрен за профилакса на тромбоза и белодробна емболија кај пациенти по поголеми ортопедски операции, општа хирургија и интернистички пациенти. Исто така се користи и за третман на длабока венска тромбоза и белодробна емболија, за третман на тромбофлебитис (воспаление на вени) на долните екстремитети и за третман на акутен коронарен синдром ( миокарден инфаркт без ST-подигање (НСТЕМИ) и нестабилна ангина пекторис и трансмурален инфаркт (СТЕМИ)).
Фондапаринукс се користи и за профилакса на тромбоза и антикоагулација на пример кај хепарин-индуцирана тромбоцитопенија тип II (HIT-II).