Чернобилска несреќа
From Wikipedia, the free encyclopedia
Чернобилска несреќа — најголемата несреќа во историјата на атомските централи. Заедно со јадрената катастрофа во Фукушима, Јапонија, таа е до денес единствен случај на седми степен на јадрен настан според Меѓународната скала на јадрени настани.
На 26 април 1986 во 01:23:40 часот (22:23:40 по UTC) во атомската централа во Чернобил ( 51°23′14″N, 30°06′41″E ), Украина дошло до експлозија. По првата, дошло до ланец од неколку експлозии и пожари кои создале радиоактивен облак во атмосферата кој потоа се раширил над широк географски регион. Радиоактивниот облак бил 30-40 пати поголем од оној што настанал над Хирошима.
Облакот во текот на неколку следни денови се распространил над западниот дел на СССР, делови од централна и северна Европа, па дури до источниот брег на Северна Америка. Големи површини од Украина, Русија и Белорусија биле тешко загадени, што предизвикало евакуација на над 336.000 луѓе од засегнатите подрачја. Според официјалните податоци, околу 60% од создадениот радиоактивен материјал завршиле во Белорусија.[1]
Несреќата предизвикала загриженост околу безбедноста на советските атомски централи, поради што и запрела градбата на нови централи од истиот тип. Покрај тоа, предизвикала голем број жртви од зрачењето, како и огромни трошоци на засегнатите земји за деконтаминација и здравствена заштита.[2]
Поради таинственоста на властите во тогашниот Советски Сојуз, податоците за несреќата и последиците по животната околина и по здравјето на луѓето долго време не биле достапни. Извештајот подготвен од Меѓународната агенција за атомска енергија и Светската здравствена организација заклучува дека 56 лица загинале во самата несреќа, и проценува дека уште 9.000 други починале од рак директно предизвикан од зрачењето.[3] Властите првобитно се обиделе да го сокријат инцидентот, но го признале дури откако зголемени нивоа на радиоактивно зрачење биле регистрирани и во Шведска.
Поради високото ниво на зрачење, околу атомската централа е воспоставена забранета зона со површина од околу 2.600 км², во која и до денес не е дозволен пристап на населението. Соседните градови Чернобил и Припјат се целосно напуштени.[4] Самиот реактор е залиен со бетонски саркофаг дебел над 1 метар за да се спречи радиоактивното зрачење.