From Wikipedia, the free encyclopedia
Шумската шлука (науч. Scolopax rusticola) е средно мала крајбрежна птица која живее во умерена и субарктичка Евроазија. Перјето ѝ е сообразно со околината во која се камуфлира, со црвеникавокафеави горни делови и кремави долни делови на телото. Очите ѝ се сместени назад на главата и ѝ даваат прегледност од 360° додека таа си пасе со долгиот, чувствителен клун, барајќи храна.
Шумска шлука | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Бекасови |
Семејство: | Мочварки |
Род: | Scolopax |
Вид: | Шумска шлука |
Научен назив | |
Scolopax rusticola Linnaeus, 1758 | |
Мажјакот изведува специфичен додворувачки лет во вид на „стапче“. Женката, пак, кога е во опасност ги носи пилињата меѓу нозете, во канџите или на грбот додека лета, иако е ова реткост да се види. Светската популација изнесува од 15 до 16 милиони птици. Ја има и во Македонија.
Возрасните птици се долги 33-38 см, вклучувајќи го и долгиот, прав клун (6-8 см), и има распон на крилјата 55-65 см.[2] Шумската шлука има криптичка обоеност за да се камуфлира во својата животна средина. Горните делови ѝ се прошарани со кафеаво-црвеникави бои, а долните делови ѝ се кремави. Главата е набраздена со црно, а очите ѝ се сместени многу назад, што ѝ овозможува прегледност од 360°.[3][4] Крилјата ѝ се заоблени, а основата на клунот е месо боја со црн врв. Нозете варираат од сиви до розовикави.[3] Овој вид има изразен полов диморфизам, со мажјаци многу поголеми од женки,[5] но по друго не се разликуваат и не се препознаваат од далеку.[3]
Своето научно име шумската шлука го добила од Карл Лине во неговата Systema naturae во 1758.[6] Името произлегува од грчкото skolopax, кое значи 'шумска шлука', и латинското rusticus ('селско') и colere ('живее').[5] Видот е монотипичен[5], а најблиски роднини му се другите птици од родот Scolopax.[7]
Околу една третина од светската популација живее во Европа, со повеќе од 90% во Русија и Скандинавија. Распространетоста се протега од Скандинавија до Средоземјето и Канарски Острови и од западна Европа до Русија.[8] Птиците што живеат на север се преселници, а оние од потоплите краеви се постојани жители.[9]
Шумската шлука има широк опсег кој опфаќа 10 милиони км² и популација од 15 до 16 милиони птици.
Живеалиштето на шумската шлука се големите, неограничени шуми - листопадни, зимзелени и мешани, со ниски грмушки. Местата на размножување мора да имаат мешавина од суви, топли места за одмор, влажни за хранење и чистинки за летање.[9]
Оваа птица е најактивна во мугри и самрак, а ретко преку ден, освен ако не е вознемирена, кога одлетува со силно павтање со крилјата. [2] Летот им е сличен на був или лилјак, неконтролиран, со извртување, но кога се селат летаат брзо и директно.[3] Тие се обично сами, и летаат одвоено, но може да се здружат со други птици ако времето или географските прилики го наложуваат тоа.[9]
Мажјакот го изведува својот додворувачки лет, наречен „стапче“ меѓу април и јуни. Тој лета над дрвјата со растреперени крилја и потоа се стрмоглавува надолу со насочен клун, испуштајќи неколку длабоки гракања пропратени со остар крик.[2][10] Гнездото го поставува на земја, малку скриено во шумата или во висок врес. Тоа е во облик на обрабена чашка[2] или мала дупка[11][12] обрабена со суви лисја или други растенија.[13] Имаат само едно легло во кое несат 4 бели или кремави јајца со светлокафеави или сиви дамки,[11] кои ги лежи само женката 21-24 дена. Пилињата веднаш го напуштаат гнездото и се оперјуваат по 15-20 дена, иако можат кратко да летаат по десетина дена.[14] Кога е во опасност, мајката може да лета носејќи ги пилињата меѓу нозете, во канџите или на грбот. Ова ретко може да се види.[4]
Шумската шлука се храни копкајќи со клунот во меката почва зад грмушки, обично добро скриена. Главно, јадат црви, но, исто така, инсекти и нивните ларви, слатководни мекотели и некои растителни семиња. [12] Во студените зими кога земјата замрзнува, тие се принудени да јадат семиња.[8]
Во многу земји шумската шлука е предмет на спортски лов, а нејзината големина, брзина и начин на летање претставува предизвик за ловџиите. Во кулинарски цели, најдобра е за јадење од октомври до декември. По стрелањето, птицата се остава да виси, за да ѝ се подобри вкусот, а се јаде како предјадење или за доручек.
Во Велика Британија, раното пристигнување на преселниците од овој вид наесен, значи дека годината ќе биде бериќетна, со добра берба, а особено ако останат до пролет. Порано се верувало дека овие птици летаат на Месечината во месеците кога не се во Британија, и првата полна месечина во ноември, кога голем број пристигнуваат на британските брегови, понекогаш се нарекува „Месечина на шумската шлука“ ('woodcock moon').[15]
Рени и Вилсон напишаа дека англиското презиме Вудкок (Woodcock) произлегло од прекарот од оваа птица, што значи, „будала“, „глупак“.[4][16] Но, оваа хипотеза е непријатна од многу причини.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.