Бродец (Тетовско)

село во Општина Тетово From Wikipedia, the free encyclopedia

Бродец (Тетовско)map
Remove ads

Бродец — село во Општина Тетово, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.

Кратки факти
Remove ads

Потекло на името

Thumb
Поглед на селото

Селото првпат е споменато како Брод во периодот 1337-1346 година, кога царот Душан го приложил селото на црквата „Св. Богородица“ во Тетово и името го добил по својата местоположба, односно дека се наоѓа кај мост на кој поминува полошко-метохискиот пат преку реката Пена.[2] Името на селото се поврзува со „плитко место на река, каде што може да се премине“.[3]

Географија и местоположба

Ова село се наоѓа во областа Долен Полог, на југоисточната падина на Шар Планина, непосредно од левата страна на реката Пена. Атарот се допира со државната гранична линија со Косово.[4] Селото е планинско, на надморска височина од 1.060 метри. Од централното место Тетово, селото е оддалечено 11 километри.[4]

До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1209 пред селото Шипковица.

Селото се наоѓа во горниот дел на долината на Пена, сместено на падините на Шар Планина. Бродец зазема доста незгодно место, бидејќи се наоѓа до реката на тесна и стрмна падина. Сепак, низ местото поминува патот Призрен-Тетово, има присојна местоположба и два извора. Околни села се Вешала, Шипковица и Вејце. Водата за пиење во селото доаѓа од селските чешми Крој Џамис и Крој Мад. На атарот на селото избиваат изворите Бродиште, Крој Шкинес (Христијански Извор), Крушка, Шеличе, Аливери, Крој Алилит, Плоча и други.[2]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Шеличе, Кобилица, Дорјан, Шпела (Пештера), Бела Вода, Црн Врв, Пржина, Дервен, Забел, Душк, Ограда, Киша (Црква), Ара Никас (Никова Нива), Мулајн Никас (Никова Воденица), Трло, Спасенит, Торец, Влак, Ра, Вешала, Гуманец, Рунгата, Ледина, Леништа, Волк Камен, Кодра Епр, Мечкин Врв, Бачилишта и Царево Гумно.[2]

Селото има многу збиен тип и е поделено во три маала наречени Бајрамлар, Јусуфлар и Дилалар.[2]

Remove ads

Историја

Бродец е старо село, бидејќи под името Брод се споменува во периодот 1337-1346 година, кога царот Душан селото го приложил на црквата „Св. Богородица“ во Тетово.[2]

За време на отоманскиот период, во Бродец имало непрекинато живеење. Тоа најпрвин било христијанско словенско село, а околу 1800-тите години, во селото започнале да се населуваат муслимански Албанци. Поради тоа, староседелците постепено се иселувале. Тие во целост се иселиле на почетокот на XIX век. Од старите жители со сигурност се знае за иселениот род Никовци (8 к.), кои денес живеат во соседното село Лавце над Тетово. Кај нив се говори дека предците во Бродец имале куќи непосредно над денешната џамија, како и дека поседувале воденица (Мулајн Никос) и многу стока. Во традицијата се пренесува дека во селото живееле и родовите Спасеновци, Иловци и други, но за овие родови не се знае каде се иселиле.[2]

Кога селото било православно, во селото се наоѓала црква „Вознесение Христово“ („Св. Спас“). Црквата се наоѓала на местото каде денес се наоѓаат ниви. Некои Албанци тоа место го нарекуваат Киша (Црква), но на местото нема никакви остатоци од старини.[2]

На почетокот на 1900-тите години поради невнимание на некои мештани селото целосно изгорело. Потоа, селаните изградиле нови куќи на старото место. Единствено биле одвоени плевните со сточната храна и се биле сместени на едно место во источниот дел на селото.[2]

Стопанство

Атарот на селото зафаќа површина од 14,9 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 2.433,7 хектари, на шумите отпаѓаат 661 хектар, а на обработливото земјиште отпаѓаат 278,9 хектари.[4]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[4]

Старите мештани на Бродец одгледувале винова лоза. Лозјата се наоѓале северно од селото, во негова непосредна близина.[2]

Население

Повеќе информации Година, Нас. ...

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Бродец имало 165 жители, сите Албанци.[5]

Според статистиките од 1929 година, селото споменато како Бродец припаѓало во Селечката општина со средиште во Шипковица и има 72 куќи со 377 жители Албанци.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 400 Албанци.[7]

Во 1961 година, селото Бродец броело 631 жител, од кои 605 биле Албанци, а осум жители Турци, додека во 1994 година селото имало 533 жители, населено со албанско население.[4]

Според пописот од 2002 година, во селото Бродец живееле 1.136 жители, сите Албанци.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 734 жители, од кои 651 Албанец и 83 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Повеќе информации Година ...
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови

Денес, во Бродец живеат муслимански Албанци, кои се доселиле во селото на почетокот на XIX век.[2]

Според истражувањата од 1948 година, родови во селото се:

  • Албански родови:
    • Доселеници: Бајрамлар (38 к.), по потекло од Северна Албанија. Најпрвин дошол предокот Бајрам со пет браќа и тие се првите селски доселеници. Тука живеат од почетокот на XIX век и го знаат следниот родослов Љазим (жив, 55 години во 1948 г.)-Руфат-Бајрам-Синан-Бајрам, кој се доселил со браќата и по кој родот е наречен. Во Бродец живеат во истоименото маало; Јусуфолар (19 к.), потекло и време на доселување како претходниот род и во селото живеат во посебно родовско маало; Дилалар (13 к.), потекло и време на доселување како претходните родови. Го знаат следниов родослов: Меас (жив, 57 години во 1948 г.)-Јаји-Ајдин-Алил-Адил, основач на родот по кој го добиле името. Живеат во истоимено родовско маало; Селманлар (12 к.), по потекло од Љума во Северна Албанија и во селото дошле како и другите родови. Живеат во истото маало како родот Дилалар. Го знаат следниов родослов: Есат (жив, 74 години во 1948 г.)-Бејтула-Демир-Билал-Селман, основач на родот по кој го добиле името; Маљалар (8 к.), по потекло од Љума и во селото дошле како и другите родови. Го знаат следниов родослов: Зилфо (жив, 75 години во 1948 г.)-Беќир-Бафтијар-Исмаил, по кој го добиле своето име и кој се доселил прв во селото; Љусње (5 к.), по потекло од Љусна во Северна Албанија. Во селото дошле по родот Маљалар и куќите им се наоѓаат во маалото Јусуфолар и Аметалар (7 к.), по потекло од Љума. Дошле со родот Љусње. Куќите им се наоѓаат кај маалото Дилалар.
  • Ромски родови: Незирови (2 к.), живеат во маалото Јусуфолар. Во селото работеле како ковачи и помошници.

Иселеништво

Од селото се имаат иселено Македонците од како селото било заземено од доселените Геги (Албанци). Се знае за имињата на некои македонски иселени родови, како: Спасеновци и Иловци, за кои не се знае каде се иселиле. Родот Никовци (8 к.) се иселени во селото Лавце.[2]

Remove ads

Општествени установи

Thumb
Поглед на основното училиште

Самоуправа и политика

Во XIX век, Бродец било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Тетово, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Шипковица.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Тетово во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Шипковица, во која покрај селото Бродец, се наоѓале и селата Бозовце, Вејце, Вешала, Гајре, Лисец, Селце и Шипковица. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната општина Шипковица, во која влегувале селата Бродец и Шипковица.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 2088 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 960 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 947 гласачи.[16]

Remove ads

Културни и природни знаменитости

Цркви

Во минатото во селото постоел храмот „Вознесение Христово“ („Св. Спас“)[2]

Џамии[17]

Личности

Починати во Бродец

Галерија

Поврзано

Наводи

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads