Велушка Тумба

археолошко наоѓалиште во Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia

Велушка Тумбаmap
Remove ads

Велушка Тумбаархеолошко наоѓалиште во битолското село Велушина. Претставува населба од неолитско време. Се наоѓа во непосредната близина на селото Породин, на 400 м од неговата јужна страна и на околу 2 км источно од селото Велушина. Претставува височинка - вештачки подигната тумба што личи на пресечен конус, со елипсовидна основа, поставена во правец исток-запад. Нејзините димензии изнесуваат: 250 м во должина, 150 м во ширина и 0,70 до 5 м во височина. Околниот терен е зарамнет и лежи во југозападниот дел на Пелагониската Котлина. Со оглед на перманентните земјоделски работи, со кои на првите слоеви на тумбата им се нанесени оштетувања, а и заради научниот интерес, во 1971 година се преземени заштитни ископувања кои подоцна, со мали прекини до 1984 година, продолжуваат како систематски. Со овие работи, главно изведени во средиштето на тумбата, е пронајден културен слој од 4 м исполнет со остатоци од живеeње распоредени во четири хоризонта, издвоени еден од друг со танки слоеви од насипана земја, хронолошки и културно поврзани. Во сите овие хоризонти се откриени остатоци од урнатини (куќен лепеж) и подови од куќи правоаголни во основата, градени од материјали и на начини карактеристични за неолитските живеалишта, со таа разлика што дрвената граѓа била масивна, а плетот како и да не бил практикуван. Подовите во последните два хоризонта биле од набиена глина, а во првите имале дрвена супструкција. Врз основа на подвижните наоди, а посебно на типолошките одлики кај керамиката (облици, орнаментика, техники на украсување), а потоа и кај култната пластика, во хронолшка смисла населбата е сместена во времето на постариот неолит. Стратиграфски најстариот хоризонт (IV) - Велушка тумба V, е од крајот на раниот неолит, хоризонтот III - Велушка тумба II, претставува преодна фаза, додека хоризонтите II и I, односно Велушка тумба III-IV, се од средниот неолит.[1]

  • Во Велушка тумба I грубата керамика е украсувана со барботин-лепенки и повлекувања со прсти, а фината со орнаменти од бела боја (точки, триаголници, полумесечинки, „сигми“ и стрелки) насликани врз сјајна црвена основа. Од култните предмети се среќаваат стилизирани женски статуетки и отворени жртвеници на четири ногалки со апликации во вид на еленска глава.
  • Во Велушка тумба II грубата керамика продолжува со истите облици и орнаменти, а се појавуваат организираниот барботин и украсувањето во импресо-техника. Незначителни се промените и кај фината керамика, со тоа што меѓу старите орнаменти насликани со бела боја се среќаваат уште брановидни ленти, скалесто поставени ленти и неопределени геометриски мотиви. Антропоморфната пластика исто така продолжува, особено отворените жртвеници што асоцираат на куќа со покрив на две води и оние со животински апликации.
  • Велушка тумба III и IV, како среднонеолитски, ги имаат речиси истите одлики, како во керамиката така и во култната пластика, со таа разлика што орнаментите во т.н. организиран барботин доминираат, а кај сликаната керамика развлечените триаголници и нејасните геометриски мотиви, додека сигмата и орнаментот во облик на буквата З постепено исчезнуваат. Овде, меѓу култната палстика, како замена за отворените жртвеници се појавуваат жртвениците - модели на куќа со покрив на две води и антропоморфен цилиндар. Наодите од овие два хоризонта наполно се идентични со оние од населбата Тумба што се наоѓа на околу 1 км од Породин. Врз основа на резултатите од оваа населба, предложена е нова хронолошка поделба за неолитот во Пелагонија и со оглед на неговите специфичности во материјалната култура е издвоен во посебна културна група наречена велушко-породинска.
Повеќе информации Основни податоци ...
Remove ads

Поврзано

Наводи

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads