Ковачки занает
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Ковачки занает е оној занает кој е специјализиран за обработка на железни, метални предмети. Преку загревање на парче метал кое би станало доволно меко за да се обликува, ковачот со своите алати го обликува железото од кое создава најразлични украсни алатки или алатки за работа. [1]
Ковачки и потковачки занает во Охридско-струшкиот регион
Ковачкиот и потковачкиот занает во овој регион бил доста развиен, бидејќи, не само селското, туку и градското население се занимавало со него. Ковачите биле помногубројни, бидејќи како земјоделци имале повеќе потреба од ковани алати за обработка на земјата. Овие занаети се развуле и поради слабата механизација во земјоделското стопанство. Само во Охридскиот округ, во 1920 година имало 1765 плугови и 2041 рало. [2]
Интересен бил податокот дека во Струга и околијата, во 1937 година, имало: 87 коњски коли, 584 воловски коли, 862 обични плугови, 1615 рала, 1496 коњи, 1302 магариња и друго. За одржување на предметите што се применувале во земјоделството и сточарството, се грижеле многубројните ковачи во регионот, кои со децении наназад биле од ромска националност. [3]
Remove ads
Ковачки занает во Прилеп
Ковачкиот занает бил еден од поразвиените во Прилеп. Во 60-те години на XX век во Прилеп имало околу 30-40 ковачки дуќани. Материјалот, т.е. железото, ковачите го набавувале од Порече, а при работа го користеле и старото железо кое го собирале и топеле. На почетокот, во градот имало околу десетина ковачки дуќани, од кои три на Македонци и седум на Роми. Се сметало дека првите мајстори- ковачи биле Македонци, а Ромите најнапред биле клинчари и плочари, а подоцна станале и ковачи. Во овие ковачки работилници се изработувале најразлични елементи: резиња, српови, мотики, копачи, ралници, секири, тесли, српови, сорови, шини за колца на дрвени коли и пајтони, железни огради за куќи и бавчи и друго. Во 1881 година бил изработен првиот железен плуг од страна на мајсторот Ицо Гавазоски, па за него бил награден од Турските власти. Своите производи ги продавале во градот и околните села.[4]
Ковачка работилница
Секој ковач имал своја работилница подалеку од својата куќа бидејќи во ковачницата понекогаш постојано горел оган за потребата на занаетот. Ковачницата била едноделна, со квадратен облик, соѕидана 4 на 4 метра, покриена со ќерамиди, без таван. Ковачниците на влезот најчесто се затворале со големи кепенци. На средина од работилницата најчесто било огништето, поткренато од подот, за полесна работа. Во огништето постојано имало оган на кој се загревало железото. Околу огништето имало ѕид кој бил висок околу 2 метра, па преминувал во оџак. на огништето имало и еден „рафт“ од лим на кој ковачот го ковал железото. Поради работата, ковачите постојано биле облечени во кожни мантили и носеле волнени чорапи, за заштита. Сезоната на ковачите била есен и пролет, а помалку лето и зима. Но, имало земјоделци кои работале преку цела година и им требало поправки од ковачите, па се случувало ковачите да работаат и надвор од сезона. [5]
Алати на ковачкиот занает
Од алати, ковачите користеле: огниште- виѓан, корито со вода, прскало, повеќе видови клешти, наковални, чекани, кексија за сечење на железото, менгемиња, точила и други. [6]
Машинобраварство
Машинобраварските работилници во двата града се појавиле во 30-те години на XX век, па затоа сите земјоделски алати и машини ги правеле ковачите. Во секое село имало по еден или двајца ковачи кои изработувале: рала, секири, мотики, клинци, гребла, вериги, ножеви, маши, сачови, вили и друго. Но, со увезувањето на новите фабрички земјоделски алати и предмети, за ковачите сè повеќе се намалувала работата и тие вршеле само поправка на фабричките производи. [7]
Remove ads
Поврзано
Наводи
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads