Малакологија
гранка на биологијата што се занимава со мекотелите From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Малакологија (од старогрчки: μαλακός, „мек“ и λόγος, „наука“) — гранка на зоологијата која ги изучува мекотелите, второто по големина колено на животни по бројот на видови[1] по членконогите. Во мекотели спаѓаат полжави и голичи, школки и главонози, заедно со многу други животни со черупки. Стручњакот кој работи на оваа дисциплина се нарекува малаколог.

Оваа дисциплина се занимава со проучувањето на таксономијата, екологијата и еволуцијата на мекотелите. Постојат неколку подгранки како што се конхологијата (проучување на черупки) и тевтологија (проучување на главонозите како октоподот, лигњата и сипата). Применетата малакологија ја става малакологијата во служба на медицината, ветерината и земјоделството, проучувајќи ги, на пример, мекотелите како преносители на шистосомијаза и други болести.
Во истражувањето се користат и зоолошки методи. Работата на терен и во лабораторија ги опфаќаат собирањето, документирањето и архивирањето, како и молекуларните испитувања.[2]
Remove ads
Историја
Малакологијата првобитно се развила од конхологијата, која единствено се задржувала на собирањето и класификацијата на черупки. До преод кон опфатна научна област на биолошко проучување дошло со неколку клучни исчекори.
Пред 1795 г.
Пред крајот на XVIII век, проучувањето на мекотелите било ограничено на конхологијата, со нагласок на естетската и таксономска вредност на черупките. Во овој период под мекотели (Mollusca) се подразбирале само видовите без черупка како главонозите и голичите. Организмите со черупки се воделе како „Testacea“, што е одраз на ограниченото познавање на нивните пошироки биолошки одлики.[3]
Придонесите на Кивје
Во 1795 г. францускиот природонаучник Жорж Кивје вовел нов систем за класификација на без’рбетниците според нивната анатомија. Тој го изнел тврдењето дека мекотелите сочинуваат посебна група на организми со заеднички морфолошки одлики. Овој приод ги поставил темелите на преодот од конхологијата кон малакологијата, и ја нагласил важноста на внатрешната анатомија наспроти надворешниот изглед на черупките.[3]
Почеток на XIX век
Со работата на Кивје, почетокот на XIX век бележи проширување на полето на делување на малакологијата. Покрај надворешните черупки, научниците почнале да ги разгледуваат внатрешната анатомија, физолошките функции и еколошките улоги на таквите организми, гледајќи на нив целосно како организми, наместо само создавачи на черупки. Поимот „малакологија“ бил воведен во 1825 г. од францускиот зоолог и анатом Анри-Мари Дикроте де Бленвил. Како изведенка од старогрчкиот збор „малакос“ (мек), дисциплината почнала да покажува поширок интерес за биолошките и еколошките одлики на мекотелите, вклучувајќи го устројството на нивните меки тела. Оттогаш малакологијата станала одделна научна дисциплина.[3]
Крај на XIX век и подоцна
Кон крајот на XIX век малакологијата го проширила полето на делување, и почнала да ги разгледува еволутивната биологија, таксономијата и екологијата. Истражувачите ја иследувале поврзаноста на мекотелите со другите без’рбетници, како и нивните улоги во разни екосистеми. Дисциплината продолжила да усвојува нови методологии и техники, зацврстувајќи го своето место како гранка на зоологијата.[3]
Remove ads
Стручна периодика
Постојат преку 150 стручни списанија на полето на малакологијата кои се објавуваат во преку 30 земји, од што произлегле голем број големи научни статии.[4]
Поврзано
- Конхологија
- Тевтологија
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads
