Сил (музичар)
британски музичар From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Сил Хенри Олусеџун Олумид Адиола Семјуел[2][3] (англ. Seal Henry Olusegun Olumide Adeola Samuel; роден на 19 февруари 1963 година), естрадно познат како Сил ― британски пејач и музичар.[4] Негови најпознати песни се Killer, Crazy и Kiss from a Rose, а во светски рамки продал над 20 милиони плочи.[5]
Сил добил три Британски музички награди; во 1992 година ја добил наградата „Британски пејач на годината“. Исто така, освоил четири Греми награди и MTV видеонаграда.[6][7] Како текстописец, Сил добил две награди „Ајвор Новело“ за песните „Killer“ (1990) и „Crazy“ (1991).[8]
Remove ads
Живот и кариера
Сил бил роден на 19 февруари 1963 година во Лондон.[2][9] Неговата мајка е Нигеријка, а татко му од Бразил.[4][10][11] Првите години од животот ги поминал како посвоено дете во семејство од Вестминстер, Лондон. На петгодишна возраст, мајка му го вратила во семејството. Неговиот обид да се занимава со музика не бил прифатен од неговиот татко и бил пречекан со физичко насилство. На 15 години побегнал од дома. Завршил средно образование и почнал да студира архитектура. По дипломирањето, тој работел најразлични работи додека се трудел да ја продолжи музичката кариера.[12]
Во 1980-тите, Сил пеел во месни клубови и барови. Во 1987 година се приклучил на Push, британска фанк-група, и со нив бил на турнеја во Јапонија. Ја напуштил групата и сам патувал низ Индија. По враќањето во Лондон во 1989 година, тој работел како студиски пејач и заедно со музичарот и продуцент Адамски ја снимил песната Killer.[12]
Песната „Killer“ била објавена пролетта 1990 година и се искачила на прво место на топ-листата во Обединетото Кралство.[13] Потоа Сил потпишал договор со ZTT Records и во 1991 година го издал неговиот прв албум.
Албумот Seal бил позитивно прифатен од критичарите. Сингловите „Crazy“, „Future Love Paradise“ и неговата сопствена изведба на „Killer“ добро котирале на топ листите. Песната „Crazy“ станала светски хит во 1991 година, искачувајќи се на второ место на топ-листата за синглови во Обединетото Кралство и на седмо место на Billboard Hot 100 во САД.[13][14] На Британските музички награди во 1992 година, Сил станал прв изведувач кој во една вечер добил три награди во целокупната историја на наградите.[15] Тој победил во три категории: Најдобар британски пејач, Најдобро британско видео (за „Killer“) и најдобар британски албум (Seal ).[15]
Во 1994 година Сил го објавил неговиот втор албум кој повторно се викал Seal. Албумот бил успешен, ги содржел сингловите „Prayer for the Dying“ и „Newborn Friend“, а подоцна добил номинација за Греми за албум на годината. Третиот сингл, „Kiss from a Rose“, бил објавен со музичко видео во средината на 1994 година, но стекнал многу поширока популарност откако следната година бил ремиксиран за саундтракот од Бетмен засекогаш. Во 1996 година „Kiss from a Rose“ освоила Греми награда за „Запис на годината“ и „Греми награда за песна на годината“.[13] [14]
Во 1998 година, Сил го издал албумот Human Being. Потоа следеле: албумот Seal IV (2003), албумот со најголеми хитови Best 1991–2004 (2004) и албумот во живо One Night to Remember (2006)
Албумот System бил објавен на 12 ноември 2007 година.[16] На песната насловена „Wedding Day“, Сил пее дует со неговата тогашна сопруга, манекенката Хајди Клум. Првиот сингл од албумот, „Amazing“, бил издаден на 25 септември 2007 година и бил номиниран за Греми за „Најдобра машка поп вокална изведба“ на доделувањето на Греми наградите во 2007 година. [17]
Шестиот студиски албум на Сил, Soul, бил издаден на 3 ноември 2008 година и содржел 11 соул-класици продуцирани од Дејвид Фостер.[18] Прв сингл од албумот бил преработката на песната од Сем Кук, „A Change Is Gonna Come“.

Седмиот студиски албум од Сил, Seal 6: Commitment бил издаден на 20 септември 2010 година. За овој албум се смета дека е инспириран од неговата сопруга Хајди.[19] На 7 ноември 2011 година, Сил го издал неговиот втор албум со преработени класични соул-песни, Soul 2.
Во октомври 2011 година, Сил бил жестоко критикуван од групите за човекови права поради тоа што настапил на концерт во Грозни, Чеченија, кој се испоставило дека всушност е роденденска забава на чеченскиот претседател Рамзан Кадиров. На настанот се појавиле и глумицата Хилари Свонк, глумецот Жан-Клод ван Дам и виолинистката Ванеса-Меј.
Сил одбил да се извини затоа што учествувал на настанот, и преку неговиот Твитер профил им порачал да не го мешаат во нивната политика.[20] Било објавено дека Сил заработил 500 000 американски долари за пеењето на забавата.[21]
Во 2012 година, Сил бил еден од четворицата тренери по пеење во првата сезона од австралиската верзија на натпреварот во пеење, The Voice. Бил тренер и во 2013 година, а по тригодишна пауза се вратил во 2017 година, заменувајќи ја Џеси Џеј.
На 6 ноември 2015 година, Сил го издал албумот под наслов 7. Во ноември 2017 година го издал албумот Standards. Во 2018 година албумот бил номиниран за Греми за „Најдобар традиционален поп вокален албум“.
Сил најавил турнеја низ Северна Америка за 2023 година со Тревор Хорн како музички директор. [22] Тој дигитално ја издал песната „Kiss from a Rose (2023)“ на 12 февруари 2023 година.
Remove ads
Личен живот
Истакнатата лузна на лицето на Сил е резултат на еден вид лупус наречен дискоиден лупус еритематозус, кој ја напаѓа кожата и остава големи лузни.[23][24][25][26]
Сил стапил во врска со германската манекенка Хајди Клум во февруари 2004 година;[27] претходно таа објавила дека е бремена од нејзината врска со италијанскиот тим-менаџер во Формула 1, Флавио Бријаторе, но и дека раскинале. Сил и Клум се венчале во 2005 година на плажа во Мексико, во близина на куќата на Сил на Коста Кериес.[28] Во ноември 2009 година, Клум официјално го прифатила презимето на Сил и законски станала позната како Хајди Семјуел.[29]
Клум родила ќерка од Бријаторе во мај 2004 година во Њујорк[30] со Сил покрај неа. Според Клум, Бријаторе не е вклучен во татковските должности, а Клум категорично изјавила дека Сил е татко на Лени.[31] [32] Кон крајот на 2009 година, Сил официјално ја посвоил ќерката од Клум, а нејзиното презиме било сменето во Семјуел.[33] Сил и Клум имаат уште три деца: два сина Хенри Гинтер Адемола Дашту Самуел (роден септември 2005 година) и Јохан Рајли Фјодор Таиво Самуел (роден во ноември 2006 година); и ќерка Лу, родена во октомври 2009 година.[34][35][36]
На 22 јануари 2012 година, Сил и Клум објавиле дека се разделуваат по речиси седум години брак.[37] [38] Клум поднела барање за развод од Сил на 6 април 2012 година. [39] Нивниот развод бил финализиран на 14 октомври 2014 година. [40]
Remove ads
Дискографија
Студиски албуми
- Seal (1991)
- Seal ("Seal II") (1994)
- Human Being (1998)
- Seal IV (2003)
- System (2007)
- Soul (2008)
- Seal 6: Commitment (2010)
- Soul 2 (2011)
- 7 (2015)
- Standards (2017)
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads
