Телеологија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Телеологија (грчки: τέλειος = „конечен, совршен“ + λόγος = „учење, наука“) — онтолошко објаснување на развојот во светот со помош на конечни, целни причини.[1][2] Таа си поставува задача да одговори на прашањето „зошто, со која цел?“ Во современата методологија се разгледува како принцип на објаснување, кој ја дополнува традиционалната причиност со причини-цели. Корените на телеолошкиот пристап кон стварноста треба да се бараат во оние антропоморфни претстави изгубени во длабоката древност, кога луѓето почнале на појавите и процесите во природата да им припишуваат целесообразен карактер, сличен на нивните сопствени дејства и однесување. Подоцнежните обиди да се објасни целесообразноста во природата и општеството со помош на принципите на механистички детерминизам и причиност тогаш претрпеле неуспех. Уште во древната филозофија се преземаат напори да се објаснат процесите на развој во живата природа и историјата со помош на посебни целни причини.

Поимот за првпат се појавува кај Кристијан Волф во 1728 г.[3] Телеологијата се изразува во идеалистичка антропоморфизација на природните предмети и процеси, поврзувајќи ги со дејството на целнопоставувачки начела за остварување на однапред утврдени цели. Оваа теза претпоставува постоење на надразумен творец, и лежи во основата на телеолошкото докажување на постоењето на Бог. Според трансцендентално-антропоцентричната телеологија, целнопоставувачкото начело, или Бог, се наоѓа надвор од светот и внесува цели во природата создадена за човекот (Волф); според иманентната телеологија, секој предмет на природата има внатрешна актуелна цел, целна причина, која е извор на движење од пониски кон повисоки форми (Аристотел). Телеологијата во своите различни видови е присутна во стоицизмот, неоплатонизмот, концептот на однапред утврдена хармонија на Лајбниц, учењето за „светската душа“ на Шелинг, објективниот идеализам на Хегел, неокантијанството, неотомизмот, персонализмот итн. И. Кант, свесен за ограниченоста на традиционалното причинско објаснување на појавите во живата природа, почнува да ја разгледува целесообразноста како дополнување на надворешната причиност. Иако таков пристап може да се разгледува како враќање на гледиштето на Аристотел, за Кант „целесообразноста на природата е посебен априорен поим, кој има свое потекло исклучиво во рефлектирачката способност за расудување“. Затоа тој го негира објективното постоење на цели во природата и ја разгледува целесообразноста како посебен евристички принцип на спознавање.[4]
Современиот фидеизам, како и холизмот, неовитализмот, неофинализмот итн., користат идеалистички толкувани податоци од генетиката, кибернетиката, психологијата за модернизација на телеологијата. Почнувајќи од новото време, природните науки (физика, механика, астрономија) ја довеле во прашање гео и антропоцентричната слика на светот, давајќи теоретско објаснување на некои процеси на движење во природата со природни причини. Теоријата за природниот карактер на целесообразноста во органскиот свет ја предложил дарвинизмот, подоцна развивајќи се во СТЕ (Синтетичка теорија на еволуцијата).
Remove ads
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads