Тоне Селишкар

From Wikipedia, the free encyclopedia

Remove ads

Тоне Селишкар (1 април 1900, Љубљана, Австроунгарија — 10 август, 1969, Љубљана, ФНР Југославија) — словенечки писател и поет.

Животопис

Селишкар се родил на 1 април 1900 година во Љубљана, во бедно работничко семејство (татко му бил бравар и машиноводач). Откако го завршил учителското училиште, работел како учител во повеќе села во Штаерска. Додека работел во Трбовље, му се приклучил на работничкото движење. Поради неговата прва стихозбирка бил преместен од работното место, бидејќи на власта ѝ пречеле неговите социјални песни. Во 1929 година, за време на општиот прогон на комунистите, тој бил затворен во Велика Кикинда. Од 1925 до 1943 година работел како учител во Граѓанската школа во Љубљана, а потоа им се придружил на партизаните. Во тој период бил уредник на повеќе весници, како: „Борец“, „Новини“ (Novice), „Глас на Осумнаесеттата дивизија“, месечникот „Нашата тупаница“ (Naša pest) и неделниот весник „Братство“ во кој ги опишува партизанскиет акции во Далмација. По завршувањето на војната бил главен уредник на весникот „Работничко единство“ (Delavska enotnost), како и секретар на весникот „Slovenski poročevalec“.[1]

Remove ads

Творештво

Книжевната кариера на Селишкар започнала во 1923 година, додека работел како учител во Трбовље. Во неговата прва стихозбирка со наслов „Трбовље“ го опејува тешкиот живот на рударите и на нивните деца. Во 1929 година, поради неговото учество во антологијата на социјални песни, „Книгата на другарите“ бил затворен. Книжевната дејност ја продолжил и додека бил учесник во партизанското движење, кога пишувал песни и раскази. Тогаш ја објавил и збирката со цртички „Ќе победиме“, а напишал и еден роман. Сите негови творби од овој период се поврзани со борбата на партизаните против фашистичкиот окупатор. Во повоениот период претежно пишувал песни за социјалистичката изградба, за Тито, за новиот социјалистички човек, за иселениците во Америка итн. Всушност, книжевната дејност на Селишкар може да се подели на три периоди: меѓу двете светски војни, за време на Втората светска војна, и по војната. Неговото најпознато дело од првиот период е социјалниот роман „Насуканиот брод“ (Nasedli brod) од 1932 година во кој го опишува бедниот живот и гнилото граѓанско општество. Од социјалните раскази напишани во овој период, поважни се: „Ноќен чувар“ (1932), „Куќа без прозор“ (1932), „Златна риба“ итн. Најпосле, од овој период потекнува и романот „Трстјанскиот пат“ кој го довршил дури во 1947 година, а во кој се опишува животот на сиромашните луѓе од предградијата на Љубљана. Исто така, стихозбирката „Човештво“ (Človeštvo) ги опејува последиците на економската криза врз животот на работниците. Важно место во неговото творештво зазема и книжевноста за деца, како што се романите„Руди“ од 1929 и „Другари“ (Tovarišči) од 1944 година. Во „Руди“ се опишува животот на сиромашното дете Руди кое заминува во Америка за да го бара својот татко-печалбар, а таму станува дел од работничкото движење. Во романот „Другари“, главниот лик е младиот партизан Павлек. Највидно место во творештвото за деца зазема романот „Дружината на синиот галеб“ (Bratovščina sinjega galeba) од 1936 година во кој главниот јунак е Иво, синот на еден морнар, кој со својата дружина составена од пет деца, се бори против морските шверцери. Понатаму, познат е и расказот „Дедо Сом“ во кој се опишува борбата против доброто и злото, додека во расказот „Голема гала претстава“ се опишува животот на луѓето во еден циркус. Во 1956 година се појавил романот „Посада без брод“, додека во книгата „Девојче со јуначко срце“ се опишува херојството на девојчето Катка кое станало партизанка.[2]

Remove ads

Наводи

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads