Црква „Воведение на Пресвета Богородица“ - Кучевиште
црква во селото Кучевиште From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Воведение на Пресвета Богородица (многу позната и како Свети Спас) — главна селска црква во скопското село Кучевиште.[1] Прогласена е за споменик на културата на Македонија.
Remove ads
Местоположба
Црквата се наоѓа во самото село и може да се каже дека преовладува во просторот, особено во стариот дел на селото.[2]
Историја
Историските податоци навестуваат дека црквата постоела во 1348 година. Се верува дека е подигната во периодот 1321-1331 година и дека била подигната од страна на жупанот Радослав.[2] Така, се верува, дека црквата била изградена и живописана со средства на властелинското семејство, чии членови биле Арсен, Радослав и Владислава.[3]
Црквата всушност претставува збир на повеќе градби. Првобитната црква потекнува од 1348 година, а подоцна била доградена припрата и затворен трем, кој некое време служел и како училиште.[4]
Remove ads
Архитектура
Црквата, во основа, има облик на впишан крст во правоаголен простор, со висока купола над средишниот простор. Куполата се крепи на четири столба.[4][5] Поседува апсида од надворешната страна во петоаголен облик. Градбата на црквата била ѕидана со делкан камен, тули и малтер. При ѕидањето, фасадите биле украсени со керамопластична декорација. Кон западната фасада, црквата подоцна добила припрата, која имала приземје и кат. Приземниот простор на припратата бил засводен со три полукружни свода, а катот над приземјето имал облик на еднокорабен засводен простор. Припратата потсетува на црквите-гробници, во кои биле закопувани ктиторите.[3]
Подоцна, на западната страна од самата припрата и на јужната страна на црквата бил изграден широк трем.[3]
Фрескоживопис
Живописот во олтарот и наосот бил изработен до 1331 година. Набргу потоа, во западниот дел од храмот била подигната припратата, која била живописана во периодот 1332-1337 година.[5] Црквата е целосно живописана, освен припратата од јужната страна. Во текот на XIX век, живописот бил пресликан, но тој живопис бил отстранет во текот на 1960-тите години со конзерваторска постапка.[3]
Фрескоживописот е делот на двајца непознати зографи, кои несомнено биле мошне талентирани.[3] Според други извори се работи за зографот Григориј.[4]
Од најстариот живопис во црквата, може да се издвојат композициите „Оплакувањето на Христа“, „Богородица со Исус Христос“ и други.[4]
Во 1337 година била насликана припратата. На северниот и јужниот ѕид, непознатиот сликар ги насликал портретите на ктиторите: војводата Дејан и неговата жена Владислава, сестра на жупанот Радослав, застанати покрај портретот на цар Душан и царицата Елена, а на северниот ѕид се насликани и нивните деца, Јован и Димитар.[3] На јужниот влез во наосот зачуван е ктиторскиот натпис, каде што се испишани имињата на Благоверната Марена, Радослав и Владислава (идната жена на војводата Дејан). Околу 1348 година царот Душан ја приложил заедно со селото, кај црквата Свети Архангели кај Призрен.[5]
Во XVI век биле насликани поединечни фигури и композиции на јужната фасада на црквата, а во XVII век непознат зограф го насликал житието на Свети Ѓорѓи во самата припрата.[3]
Remove ads
Капела „Св. Никола“
Црквата поседува капела посветена на Свети Никола, која се наоѓа на катот од припратата. Таа била повторно живописана во 1501 година.[3]
Иконостас
Во 1845 година, Дичо Зограф заедно со своите соработници работел на обновување на иконите од иконостасот, кои за жал изгореле во пожарот од 1983 година.[6]
За потребите на иконостасот ги изработил иконите „Раѓање Христово“, „Крштевање Христово“, „Влегување во Ерусалим“ и иконата со претставата на „Св. Петар“ од иконите со апостолите, а за кои без сомнение може да се тврди дека се дела на Дичо Зограф. Тие денес се чуваат во жртвеникот на олтарниот простор од црквата.[6]
- Икона „Крштевање Христово“
- Олтарна врата „Архангел Михаил“ од 1845 г.
- Икона „Влегување во Ерусалим“
- Икона „Раѓање Христово“
- Икона „Св. Петар“
Remove ads
Име
Бидејќи самата црква уште одамна започнала да го слави Спасовден, црквата меѓу народот го добила и името Свети Спас. Уште во 1519 година бил споменат собор за Спасовден.[2]
Галерија
- Старата камбанарија
- Тремот
- Новата камбанарија
- Припратата
- Поглед кон капелата „Св. Никола“
- Апсидата
Поврзано
- Кучевиште
- Скопска епархија
- Северноскопско архијерејско намесништво
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads