Црква „Вознесение Христово“ - Дреново
црква во Дреново, Општина Чашка, Велешко From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Вознесение Христово (позната и како Свети Спас) — главна селска црква во велешкото село Дреново, Македонија.[1][2]
Remove ads
Местоположба
Црквата се наоѓа покрај селото, на неговата јужна страна, веднаш покрај регионалниот пат 2344.[3]
Околу црквата се сместени и селските гробишта.
Историја

За нејзе нема податоци кога е подигната, но мештаните тврдат дека е многу стара црква.[3] Сепак, според натписот над западниот влез во наосот може да се заклучи дека е изградена во XVII век, а обновена во 1869 година.[4]
Архитектура
Црквата е мала правоаголна еднокорабна градба со полукружна апсида на исток и калкански покрив. При обновувањето веројатно е проширена на запад по целата нејзина должина, а на југ е дограден отворен трем. Во црквата се влегува од западната и од јужната страна,[4] над која има ниша со допојасна претстава од XIX век на непознат светец со долга брада, можеби Свети Атанасиј.[5]
Фрескоживопис
Храмот е целосно обновен и малтерисан. Единствениот јасен показател за времето на неговиот настанок е делумно зачуваната фреска на Света Петка во нишата над олтарната апсида на источната фасада. Светицата е насликна допојасно, облечена во темнокафеав химатион; во десната рака држи маченички крст, а другата дланка ѝ е отворена кон набљудувачот. Ова дело се датира од XVII век. Траги од живописите од тоа време има и во олтарниот простор на црквата. Според натпис над јужнот влез (подоцна изгубен), црквата е одново пресликана во 1887 г. од месните зографи раководени од Петар Николов и неговите соработници, брат му Анастас и ученикот Илија Манев од Дреново, но во апсидата и нишата во проскомидијата зографите сликале непосредно врз постарите фрески без да нанесат нова подлога. Во конхата на апсидата е Света Богородица Ширшаја со малиот Христос во медалјон на градите. Следат Свети Василиј Велики и Свети Јован Златоуст во Архијерејската литургија и допојасната претстава на Свети Стефан во жртвеникот со ѓаконска одежда со бел стихар, орар со насликан трисагион и црвена наметка преку десното рамо. Во левата рака држи дарохранилница во облик на храм, а во десната држи кадилница со која благословува.[5]
Живописот од XIX век е следниов: во олтарот на источниот ѕид во третото подрачје и на таванот е Бог Саваот, во второто подрачје е пророкот Даниил меѓу лавови јужно од апсидата, пророкот Исаија северно од апсидата. Сирамовиот Лазар е на јужниот ѕид. Горчливата чаша на смртта е во второто подрачје на северниот ѕид,[5] а под неа се допојасни претстави на Светите врачи Кузман и Дамјан. На таванот во средината е Христос Седржител, а третата фреска на запад не е зачувана. На јужниот ѕид, од исток кон запад, во првото подрачје се насликани во група светците Јустин, Ефрем, Евсевиј, Антониј, Маврустен и Амвросиј. Над нив се Свети Димитрија на коњ како прободува војник, Вознесението Илиево, Свети Спиридон и Света Елисавета. На запад од влезот на јужниот ѕид е насликан Свети Онуфриј, а потоа следи сцената на Колежот на витлеемските деца и Свети Хралампиј како го гази ѓаволот. Горе на западниот ѕид е Рождеството Христово, а во првото подрачје е Страшниот суд. На северниот ѕид, од запад кон исток, на западната половина е Второто пришествие; во второто подрачје се Свети Ѓорѓи на коњ како ја убива ламјата и Света Катерина, во првото се Свети Никола, Архангел Гаврил како му се јавува на Захариј и светите Константин и Елена.[6]
- Света Петка на источната фасада (сост. 2024 г.)
- Апсидата пресликана во 1887 г.
- Света Петка на источната фасада, XVII век
Икони и иконостас
Иконостасот е во два реда и според документацијата на Националниот конзерваторски центар престолните икони од првиот ред се: царските двери: „Архангел Михаил му ја вади душата на богатиот“; „Богородица со Христос“; „Исус Христос“; „Исус Христос“ во горниот дел и „Свети Ѓорѓи и Света Недела“ во долната половина. Во вториот деисисен ред се иконите „Исус Христос“; „Еангелистот Лука“, „Апостол Тома“, „Апостол Андреја“ и „Апостол Петар“. Веројатно од раката на друг зограф се останатите икони: „Исус Христос“; „Света Недела“; „Свети Пантелејмон“, датирана во 1883 година.[6]
Remove ads
Галерија
- Селските гробишта
- Поглед на задниот дел
- Трпезаријата
- Споредниот влез
- Ниша над споредниот влез
- Апсидата
- Припратата
- Главниот влез
- Ниша над главниот влез со името на црквата
- Поглед на црквата
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads