Тетратка на смртта

From Wikipedia, the free encyclopedia

Тетратка на смртта
Remove ads

Тетратка на смртта (јапонски: デスノート, англиски: Death Note) — манга создадена од писателот Цугуми Оба и мангаката Такеши Обата. Главниот лик е Лајт Јагами, надарен средношколец што открива тетратка со натприродни моќи — „Тетратката на смртта“ — што му припаѓа на шинигамито Рјук. Дејството се врти околу Лајт, кој со помош на тетратката сака да создаде и да владее свет без зло, како и околу напорите на детективот Л и неговите наследници, Нир и Мело, да го спречат во тоа. Тетратката му дава способност на нејзиниот корисник да го убие секој чие име го знае, со запишување на името во неа, додека истовремено ја замислува неговата/нејзината слика.[1][2]

Thumb
Корицата на првиот том, вклучувајќи го Лајт Јагами

Мангата првпат е серијализирана во 108 поглавја од страна на издавачката куќа Shueisha во јапонското списание Weekly Shonen Jump од декември 2003 до мај 2006 г. Серијата е исто така објавен и во 12 собрани тома во Јапонија, почнувајќи од мај 2004 до октомври 2006 г. Аниме-серијата, создадена од студиото Madhouse и режирана од Тецуро Араки, започнала да се прикажува од 3 октомври 2006 до 26 јуни 2007 г., и е составена од 37 епизоди. Во Јапонија е објавен и роман за млади заснован на серијалот, чиј автор е Нисио Исин, како и повеќе компјутерски игри од Konami за Nintendo DC.

Viz Media ја лиценцирала серијата Тетратка на смртта во Северна Америка, издавајќи ги сите 12 тома од мангата и романот. Епизодите од аниме-серијата првпат станале достапни за преземање од интернет преку IGN. Подоцна, Viz Media го лиценцирала и анимето, кое се прикажувала на каналот Bionix. Филмовите засновани на Тетратката на смртта биле прикажувани во одредени кина во Северна Америка. Што се однесува до компјутерските игри, ниту една од нив досега не е издадена во Северна Америка.

Неколку изданија посветени на аниме, манга и други медиуми дале потврдни и одречни одзиви за серијалот. Содржината и насилството во приказната биле пофалени како многу интересни. Меѓутоа, серијата била забранета во Кина поради проблеми со деца што се обидувале да ги менуваат кориците на нивните тетратки за да личат на тетратката на смртта.

Во 2017 г., американскиот игран филм заснован на мангата, произведен од Warner Bros., бил објавен на Netflix. За разлика од јапонската трилогија, американската верзија е директно заснована на изворните материјали и не го следи јапонскиот тек на дејството.

Remove ads

Содржина

Лајт Јагами е исклучително интелигентен младич, кому јасно му е одбивно растечкото насилство и корупција во општеството. Неговиот живот драматично се менува кога открива таинствена тетратка фрлена на земја, позната како „тетратка на смртта“. Во упатствата во тетратката се тврди дека доколку во неа се запише човечко име, таа личност ќе умре, меѓу другите правила. Лајт првично е скептичен, но откако ќе ја испроба тетратката на неколку злосторници, сфаќа дека таа е вистинска. По средбата со претходниот сопственик на тетратката, шинигамито Рјук, Лајт планира да стане бог и да воведе нов светски поредок, казнувајќи ги сите оние што тој ги смета за зли.

Набргу, голем број необјаснети смртни случаи кај злосторниците го привлекуваат вниманието на Меѓународната полициска организација и на загадочниот детектив познат како „Л“ (Ел). Л бргу заклучува дека серискиот убиец, познат во јавноста како „Кира“ (име што произлегува од јапонскиот изговор на англискиот збор „killer“ — убиец), се наоѓа во Јапонија. Тој успева да дознае дека Кира може да убива луѓе без физички контакт, користејќи го осудениот затвореник Линд Л. Тејлор како мамка. Кога Лајт го убива затвореникот, кој се претставува како Л, сфаќа дека Л е неговиот најголем предизвик, и меѓу нив започнува деликатна психолошка игра на мачка и глушец.

Л заклучува дека Кира добива информации од полициската единица и испраќа 12 агенти на ФИБ да следат лица поврзани со јапонската полиција. Лајт успева да го надитри Реј Пенбер, агентот задолжен да го следи, да му ја покаже личната карта, по што ги убива сите агенти на ФИБ. Наоми Мисора, свршеницата на Реј, се сомнева дека Кира е еден од луѓето што тој ги следел, но Лајт дознава за нејзините сомнежи и ја принудува на самоубиство со помош на тетратката на смртта.

Миса Амане, уште еден сопственик на тетратка на смртта, го пронаоѓа Лајт откако ќе испрати видео во кое тврди дека е Кира. Опседната со Кира по смртта на убиецот на нејзините родители, таа се посветува да му помага на Лајт, но е фатена од Л. Лајт смислува план со кој се откажува од сопственоста на двете тетратки и од сите негови сеќавања за нив, и му се предава на Л на надгледување, бидејќи Рем (вториот шинигами, придружникот на Миса) му се заканува дека ќе го убие доколку Миса не биде ослободена. Заедно, Лајт и Л испитуваат 8 лица од компанијата „Јоцуба“, кои ја користат тетратката за сопствен профит. Додека го апсат третиот Кира, Хигучи, Лајт си ги повраќа сеќавањата откако ќе ја допре тетратката. Тој продолжува со својот план за да ја натера Рем да го убие помошникот на Л, Ватари, при што умира и самата Рем. Потоа Лајт ја добива нејзината тетратка.

По смртта на Л, Лајт е прогласен за „нов Л“ од страна на јапонската полиција. Четири години подоцна, се појавуваат две деца, Нир и Мело, кои биле одгледани да бидат наследници на Л во сиропиталиште основано од Ватари, и имаат за цел да го најдат Кира. Во меѓувреме, Кира добива голема јавна поддршка и контакти. Мело, еден од наследниците на Л, кој се приклучил на мафијата, ја грабнува Сају Јагами, помалата сестра на Лајт, како материјал за размена за тетратката на смртта. Јапонската полиција планира да замине во Лос Анџелес за да ја спаси Сају, но притоа ја губи трагата на тетратката. Полицијата подоцна успева да ја поврати, но како последица на избувнувањето што го предизвикува Мело при обидот за бегство, таткото на Лајт, Соичиро Јагами, умира.

Нир се сомнева дека вториот Л е Кира, со што ги прави и останатите членови на полицијата отворено да се сомневаат во него. Сфаќајќи ја опасноста да биде откриен, Лајт ја тера Миса да се откаже од сопственоста на нејзината тетратка. Потоа го наоѓа својот наследник, Теру Миками, силен и речиси полуден поддржувач на Кира, кој го убива последниот портпарол на Кира поради сопствената алчност и му дозволува на Нир да побегне од толпата поддржувачи. Миками подоцна ангажира нов портпарол, Кијоми Такада, новинарка и поранешна девојка на Лајт од факултетот. Теру Миками и Кијоми Такада продолжуваат да убиваат злосторници додека Лајт не е во можност да го прави тоа. Кијоми подоцна е грабната од Мело и е принудена да го убие со скриено делче од тетратката. Лајт потоа ја убива Кијоми за да ја спречи да укаже на него, откако ќе ја искористи тетратката за да го ликвидира Мело. Миками, несвесен за овој настан, го пишува нејзиното име во тетратката, откривајќи се пред членовите на СПК (Специјална полициска единица за Кира). Нир ја заменил изворната тетратка со лажна и во последното спротивставување со Лајт, успева да докаже дека Лајт е Кира. Сфаќајќи дека изгубил, Рјук му го запишува името во својата тетратка, завршувајќи му го животот со срцев удар.

Remove ads

Ликови

Главни ликови

Лајт Јагами (јап. 夜神 月) — главниот лик во Тетратка на смртта. Тој е типичен седумнаесетгодишник, многу интелигентен и популарен на училиште, но води прилично досаден живот. Лајт ги презира злосторниците, и затоа, штом во раце му паѓа тетратката на смртта (спуштена од светот на шинигамијата во човечкиот свет), го започнува својот суд врз злосторниците. Сонот му е да создаде совршен свет без злосторства во кој тој ќе биде бог. За себе смета дека е самото олицетворение на правдата.

Ел (Л) Лолајт (јап. エル・ローライト) — светски познат детектив, чија цел е да го пронајде и уапси Кира. Ел има многу необични навики, како особениот начин на седење или јадењето слатки среде состанок. Убеден е дека Лајт е Кира, но нема докази. Поседува неверојатни способности за заклучување и неговите стратегии во повеќето случаи успеваат. Се смета дека Ел има Аспергеров синдром.

Миса Амане (јап. 弥 海砂) — фотоманекенка и јапонска идолка. Таа е детинеста и често зборува за себе во трето лице, нарекувајќи се „Миса-Миса“. Миса е лудо вљубена во Лајт, иако тој на неа гледа само како на извор на информации бидејќи ги има „очите на шинигамијата“. Овие очи ѝ овозможуваат, по цена на скратен животен век, да го види името и животниот век на секој човек штом ќе му го види лицето. Кира го убил злосторникот што го убил нејзиното семејство, па затоа Миса го обожава Кира.

Нир (јап. ニア) — детектив што е прв на списокот наследници на Ел. Исто како што Ел понекогаш си игра со слатки, Нир сака да си игра со детски играчки и со сопствената коса. За време на истрагата се нарекува „Н“, но неговото право име е Нејт Ривер.

Мело (јап. メロ) — детектив што заедно со Нир требало да стане наследник на Ел. Постојано јаде чоколадо, и, за разлика од Нир и Ел, многу често дозволува чувствата да го контролираат и да му пречат во истрагата. Неговото право име е Михаел Кел.

Истражна група на случајот Кира

Соичиро Јагами (јап. 夜神 総一郎) — еден од главните ликови во приказната. Тој е татко на Лајт и шеф на јапонската полиција. Важи за типичен татко, но тоа се менува откако случајот Кира ќе се развие. Ги зел „очите на шинигамијата“ од Рјук и по мисијата за опколување на базата на Мело бил застрелан и починал во мир, мислејќи дека Лајт не е Кира.

Ватари (јап. ワタリ), чие вистинско име е Квилш Вами (англ. Quillsh Wammy) — десна рака и верен слуга на Ел, основач на домот за сирачиња „Вами“, изумител и милионер. Пред Ел да им го открие својот идентитет на полицајците од јапонскиот истражен штаб, Ватари секогаш одел на состаноците на полицијата, ФИБ и Интерпол, претставувајќи го својот господар. Тој е одличен снајперист. Обожава чај „Ерл Греј“, и не поднесува нечисти простории.

Тота Мацуда (јап. 松田 桃太) — детектив во јапонската полиција што работи на случајот Кира. Тој е најмлад и најнеискусен во истражната група. Признава дека е слаб човек и е понеутрален околу Кира во споредба со останатите. Често се однесува незрело, на пример кога ја нарекува Миса „Миса-Миса“.

Шуичи Аизава (јап. 相沢 周市) — детектив во јапонската полиција што работи на случајот Кира. По карактер е разумен и созреан, и е еден од најискусните во групата. Оженет е и има две деца. Тој е еден од главните во разоткривањето на Лајт како Кира. Миса го нарекува „Мончичи“.

Канзо Моги (јап. 模木 完造) — детектив во јапонската полиција. Тој е личен телохранител на Миса, а по природа е повлечен и тивок. Миса го нарекува „Мочи“.

Хидеки Иде (јап. 伊出 英基) — полицаец и член на истражната група под водство на Ел. Тој е молчалив и смирен човек, кој бил еден од шестемина полицајци што ризикувале да работат на случајот Кира. Меѓутоа, зголемените мерки за безбедност му се сториле како знак на недоверба од страна на големиот детектив, па затоа одбил да отиде на средбата со него. По смртта на Ел, се вратил во истражниот штаб, иако тврдел дека го направил тоа само за да работи со Аизава.

Хироказу Укита (јап. 宇喜田) — млад детектив во истражната група на случајот Кира. Се одликувал со храброст и импулсивност, а воедно бил и страстен пушач.

Шинигамија (богови на смртта)

Рјукшинигами што ја испуштил тетратката на смртта на Земјата. Често одбива да му помогне на Лајт, туку наместо тоа, само гледа како Лајт со сите сили се бори за својата цел. Прилично е себичен и работи само во свој интерес. Исто така, често заборавува да му каже на Лајт клучни факти за тетратката сѐ додека не биде премногу доцна. Рјук обожава јаболка и би направил сѐ за да дојде до нив, опишувајќи дека тие врз него имаат дејство какво што врз луѓето имаат цигарите и алкохолот.

Рем — женски шинигами што ѝ ги дала тетратката на смртта и очите на шинигамијата на Миса. Исто како и Рјук, Рем поседува две тетратки на смртта. Таа многу се грижи за Миса и тоа не го крие. Во една прилика му се заканила на Лајт дека, доколку животот на Миса заврши предвреме, ќе го убие, притоа свесно жртвувајќи го и сопствениот живот.

Сидо — шинигами што ја испуштил тетратката на смртта што потоа ја зел Рјук и му ја дал на Лајт. Бидејќи тогаш не поседувал ниедна тетратка, Сидо, сакајќи да си ја врати својата, им помагал на Мело и на мафијата во нивниот план за одбрана против јапонската полиција. Меѓутоа, кога Рјук дошол на страната на јапонската полиција, успеал да го убеди Сидо да не му помага на Мело и да не презема ништо против полицијата (Рјук само се преправал дека е на страната на полицијата по молба на Лајт). По тие настани, Сидо ја добил својата тетратка назад.

Remove ads

Тетратка на смртта

Тетратката на смртта е предмет со чија помош боговите на смртта си го продолжуваат сопствениот живот. Тетратката станува дел од вистинскиот свет во мигот кога ќе ја допре земјата. Ако богот на смртта не ја подигне тетратката побрзо од некој човек, таа станува сопственост на тој човек сѐ додека тој не умре или додека не се откаже од неа. Човекот може да ја предаде тетратката на кој било друг, но во тој случај богот на смртта му ги брише сеќавањата за неа и за сите настани поврзани со нејзиното поседување. Тетратката на смртта содржи многубројни правила што можат да се толкуваат на различни начини; самите богови на смртта, на кои тетратката им служи само за продолжување на животот, честопати не се ни свесни за некои од нејзините можности. (Правилата наведени подолу се напишани од Рјук како упатство.)

Правила на тетратката на смртта

  • Човекот, чие име ќе биде запишано во тетратката, ќе умре.
  • Тетратката нема да дејствува ако оној што го пишува името не го знае ликот на личноста што треба да умре. На тој начин, луѓето со исти имиња се безбедни.
  • Ако причината за смртта се напише во рок од 40 секунди по запишувањето на името, смртта ќе настапи токму така.
  • Ако не е наведена причината за смртта, по 40 секунди лицето ќе умре од срцев удар.
  • По запишувањето на причината за смртта, остануваат уште 6 минути и 40 секунди (вкупно 400 секунди) за да се наведат околностите на смртта.

Забелешка: Во Јапонија бројот 4 се смета за несреќен и се поврзува со смртта поради сличноста во изговорот со зборот „ши“ (死) — смрт.

Лажни правила

За да ги измами Л и полицијата, Лајт го наговорил Рјук да напише две лажни правила во тетратката на смртта. Тие правила се:

  • Ако по последното убиство поминат 13 дена без нова жртва, сопственикот на тетратката на смртта ќе умре.
  • Ако тетратката на смртта биде запалена, уништена или на кој било начин оштетена, сите што ја допреле ќе умрат.

Наводи

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads