Археолошко наоѓалиште
место каде се зачувани наоди од човекови дејности во минатото / From Wikipedia, the free encyclopedia
Археолошко наоѓалиште или археолошки локалитет — место на кое се откриени на археолошки остатоци од човекови дејности во минатото. Стручно утврдените и заведени наоѓалишта обично се сметаат за културно-историско наследство. За дејноста на местото сведочи присуството на артефакти, структурни елементи, употреба на земјиштето и други отстапувања од природната околина. Остатоците можат да се пронајдат со набљудување на земјиштето или пак, ако местото е закопано, со подземно испитување.
Многу наоѓалишта се откриваат случајно. Најчесто првите откривачи се земјоделците, орајќи по нивите. На второ место се земјишните зафати при изградба или други предвидени дејности во месности кои се веќе познати како историски значајни. При наидувањето на наоѓалиштето, местото најпрвин се документира, а ископувања се отпочнуваат ако се располага со средства и време. Во случај на градежни работи, истражувачките работи треба да се предвидени во рамките на севкупните вложени средства.