Биогориво
From Wikipedia, the free encyclopedia
Биогориво – гориво добиено со обработка на биомаса. Нивната енергија се добива со фиксирање на јаглерод, т.е. со редукција на јаглеродот од воздухот во органски соединенија. За разлика од јаглеродот ослободен од фосилните горива кој ја менува климата на Земјата, јаглеродот во биогоривата доаѓа од атмосферата, од каде што растенијата го земаат во текот на растењето. Иако фосилните горива се добиени со фиксирање на јаглерод, тие не се сметаат за биогорива бидејќи содржат јаглерод кој не се менувал во природата подолго време. Биогоривата стануваат популарни поради зголемувањето на цените на нафтата, потребата за побезбедно снабдување со енергија и загриженоста за штетните емисии на стакленички гасови.
Во 2010 година, светското производство на биогорива достигнало 105 милијарди литри, што е зголемување за 17% во споредба со 2009 година. Во транспортот, тие учествуваат со 2,7%, со најголемо учество на биоетанолот и биодизелот. Светското производство на биоетанол достигнало 86 милијарди литри, а најголеми производители се САД и Бразил (учествуваат со 90% од светското производство). Најголеми производители на биодизел се земјите од Европската Унија со учество од 53% во светското производство. Според Меѓународната агенција за енергетика, до 2050 година, биогоривата би можеле да одговорат на една четвртина од потребите за гориво во светот за транспорт. На глобално ниво, биогоривата најчесто се користат за транспорт и во домовите.
Повеќето горива за возила се течни, бидејќи на возилата им е потребна голема густина на енергија, како што е онаа содржана во течностите и цврстите материи. Високата енергетска густина е најлесниот и најефикасниот начин да се добие е со мотор со внатрешно согорување, и за тоа е потребно чисто гориво. Горивата што полесно горат се течни и гасовити (може да се втечнуваат), практични се за носење и горењето е чисто (без цврсти производи).