From Wikipedia, the free encyclopedia
Капричосите (на шпански: Los caprichos) - каприци, фантазии. Тие се циклус од 80 графички отпечатоци во техника акватинта и бакропис, создаден од шпанскиот уметник Франциско Гоја во периодот од 1797 до 1798 година и објавени како мапа во 1799 година.[1]
„Капричосите“ биле повлечени речиси веднаш по појавувањето во јавноста, во 1799 година, со директна интервенција на инквизицијата - едно од првите уметнички дела кое ќе биде соочено со идната многу често употребувана „елиминаторска“ интервенција на владејачките класи - цензура. Во текот на животот на Гоја биле продадени или откупени само 29 примероци од циклусот.[2]
Главна тема на циклусот е критиката и сатирата кон шпанското општество од крајот на 18 век, особено кон благородништвото и римокатоличките свештеници.[3] Во првиот дел од Капричосите, Гоја, создава реалистички, критички и сатирички графички дела насочени кон слабостите, проблемите, предрасудите, аномалиите на општеството и владејачката класа. Во вториот дел од циклусот, создава графики со претстави на фантастични, гротескни, фантазмагорични суштества, претставени во една надреална, кошмарна ситуација.[4]
И покрај тоа што темите се насочени кон шпанското општество од крајот на осумнаесеттиот век, Гоја, благодарение на својот исклучителен талент и уметничка длабочина, преку овој циклус, оставил универзални и вонвременски пораки, посветени на човечките слабости, апсурди, немоќта да се излезе од проклетството на човечката судбина - трагична, егзистенцијално драматична, тешка, исполнета со суеверие, незнаење, неправдите создадени од владејачките класи, суровите казнувања, особено од страна на инквизицијата, бесмислата на брачните лицемерни заедници.[5]
Гоја ја опишал суштината на серијата - циклусот како пресек на: - „...безбројните глупости, бесмислици коишто доминираат во секое општество, опасните предрасуди, лагата, лицемерието, незнаењето, материјализмот - суров и експлоататорски“.[6]
Секоја графика од циклусот, Гоја ја потпишувал и ја обележувал со специфични наслови, давајќи своевидно дообјаснување за секое дело, за алегоријата, мислата, пораката која ја имал визуелно и ликовно трансформирано. Делата на комплетниот циклус се чуваат во познатиот Музеј Прадо.[7]
Оригиналниот стил, како и прикажувањето на современото општество во „Капричосите“, всушност го сместува Гоја, во движењето модернизам кое ќе се појави еден век подоцна. Особено графичкиот лист „Сонот на разумот раѓа чудовишта“ и денес има речиси статус на икона кај ликовната и творечката јавност.[8]
Циклусот „Капричоси“ е едно од најзначајните уметнички дела во историјата на уметноста воопшто. Овој творечки зафат на Гоја, не само што е длабоко и филозофско гледање и чувствување на бројните цивилизациски проблеми на човештвото, туку тој е и своевиден патоказ, инспирација и насока во творечкиот развој на светската графика, ликовна уметност, а нивните пораки, генијална имагинација и поетика, ќе бидат инспирација и во поетското, литературното творештво, всушност нивното значење и влијание се чувствува и денес во уметничкото творештво низ скоро сите изразни медиуми на човечката творечка имагинација.[9]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.