Левица (политика)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Левицата — сегмент од политичкиот спектар кого го сочинуваат политичките теории кои се стремат кон подобрување на животот на широкото мнозинство од населението преку залагање за повеќе рамноправност и повеќе слобода за припадниците на општеството во споредба со постојната состојба. Како дел од левицата обично се класифицираат социјалдемократијата, демократскиот социјализам, комунизмот, анархизмот и дел од зелените теории.
- За македонската политичка партија, видете Левица.
Покрај за означување на сегмент од политичкиот спектар, како левица се означуваат и фракциите или крилата во рамките на дадена политичка теорија или политички субјекти кои во однос на останатите припадници на своите матични теории или субјекти застапуваат ставови кои повеќе ги земаат во обѕир интересите на народните маси, или се послободарски или поегалитарни. Сепак, во таквите случаи треба да се има предвид дека нечие лево крило може да пројавува помалку левичарски одлики од десното крило на некој друг субјект.
Составот на левицата не е непроменлив и се менува како со текот на времето така и во однос на различни култури и земји. Либерализмот на своите почетоци, во услови на апсолутистичките режими пред Француската револуција, претставувал левица, но по воведувањето на капитализмот, преминал во центарот. Исто така, во одредени традиционални и конзервативни земји, она што во понапредните земји би се сметало за етаблирано и дел од центарот, би се третирало како радикално и левичарско. Сепак, при земањето предвид на ваквите национални варијации, треба секогаш да се внимава на глобалниот контекст.