![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/d/d7/Economic-surpluses.svg/langmk-640px-Economic-surpluses.svg.png&w=640&q=50)
Потрошувачки вишок
From Wikipedia, the free encyclopedia
Потрошувачки вишок — поим во математичката економија којшто ја претставува разликата меѓу најголемата цена којашто потрошувачите се подготвени да ја платат и фактичката цена којашто ја плаќаат. Ако потрошувачите се подготвени да платат повеќе од побаруваната цена на пазарот, тогаш тие имаат поголема корисност од набавениот производ отколку што инаку би платиле. Пример за добро со висок потрошувачки вишок е водата за пиење. Притоа, корисноста од првите литри вода за пиење е многу висока бидејќи спречува смрт, така што потрошувачкиот вишок за нив би бил поголем.
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/d/d7/Economic-surpluses.svg/320px-Economic-surpluses.svg.png)
Најголемиот износ којшто потрошувачите се подготвени да го платат за одредено количество на добро е збир од најголемата цена којашто тие би ја платиле за првата единица, најголемата цена којашто тие би ја платиле за втората единица итн. Карактеристично е тоа што овие цени имаат тенденција на опаѓање и се претставени преку поединечната крива на побарувачката. При дадена цена, потрошувачот го набавува количеството за коешто вишокот е најголем, каде што потрошувачкиот вишок е збир од вишокот којшто потрошувачите се подготвени да го платат над пазарната цена за сите единици. Потрошувачкиот вишок има најголема вредност при последната единица за којашто потрошувачите би платиле повисока цена од пазарната. Агрегатниот потрошувачки вишок се пресметува како збир од потрошувачкиот вишок на сите поединечни потрошувачи.