Репликација на ДНК
From Wikipedia, the free encyclopedia
Репликација или удвојување (од replica што значи примерок) — процес во генетиката со кој молекулата на ДНК се удвојува. Оваа активност се случува во интерфазата од клеточниот циклус и преку неа клетките кои ќе се добијат од клеточната делба го наследуваат целокупниот геном, односно целосниот сет од гени присутни во еден организам. Кај еукариотите, молекулите на ДНК кои го градат геномот се поврзани со белковини и влегуваат во состав на хромозомите, од кои секој содржи единечна линеарна ДНК-молекула. Еукариотските хромозоми се наоѓаат во клеточното јадро. Геномите на бактериските клетки (прокариоти), кај кои отсуствува јадрото, се најчесто кружни ДНК-молекули (наречени плазмиди) кои се поврзуваат со посебни структури во клеточната мембрана (означени како епизоми). И покрај големата еволуциска разлика помеѓу прокариотите и еукариотите која се мери во милиони години, одликите на процесот на репликација се зачувани и се многу слични кај двете големи групи на живи организми.