Свет
планетата Земја и сиот жив свет на неа / From Wikipedia, the free encyclopedia
Свет — планетата Земја и сиот живи битија на неа, вклучувајќи ја човечката цивилизација. Во поширока смисла, под поимот се подразбира целата материјална стварност, вселена, земјата со сите што суштествуваат на неа.[1] Во теолошка смисла, светот го сочинува сето она што е материјално („световно“), наспроти светото небесното или духовното. Многу религии имаат свои учења за „крајот на светот“ или крајот на историјата, збирно наречени есхатологија.
Историјата на светот ги опфаќа позначајните геополитички збиднувања во текот на околу пет илјадалетија, од првите цивилизации до денешницата. Во таа смисла се применуваат поимите „светска религија“, „светски јазик“, „светска влада“ и „светска војна“, подразбирајќи меѓународен или меѓуконтинентален опфат без нужна вклученост на секој дел од светот.
Светското население е збир од сите народи на светот во дадено време; под светска економија се подразбира збирот на стопанствата на сите општества или земји, особено во контекст на глобализацијата. Поимите „светско првенство“, „бруто светски производ“ и „светски знамиња“ збирно ги подразбираат сите суверени држави во целина.