Шкотски Гори
From Wikipedia, the free encyclopedia
Шкотски Гори или Шкотски Планински Крај (гелски: A Ghàidhealtachd, низински: Hielands, англиски: Scottish Highlands) — група стрмни планински области во Шкотска северно и западно од Горскиот Расед, иако границите не се точно утврдени, особено на исток. Големиот Глен ги дели Грампијански Планини на југоисток од Северозападните Гори. Шкотскиот гелски назив A' Ghàidhealtachd („кеалтахк“) буквално значи „место кајшто се говори гелски“, но ова денес не важи секаде, бидејќи извесни делови од Горите претрпеле целосна јазична промена. Затоа гелскиот назив се однесува не само на ова подрачје, туку и на Надворешни Хебриди (каде гелскиот јазик е денес најприсутен). Поимот го користи Владата на Шкотска и оваа употреба го има зацрврснато и покрај недоследноста.
Шкотски Гори Ghàidhealtachd Hielans Scottish Highlands | |
---|---|
Разделницата Гори-Низини прикажана како сина испрекината линија | |
Демоним | Горјанин („хајлендер“) |
Час. појас | GMT/BST |
Ова подрачје е мошне ретко населено, а во регионот доминираат бројни планински венци, меѓу кои и Бен Невис — највисоката планина во Британија и Ирска. Пред XIX век Шкотските Гори биле многу понаселени, но забраната на традиционалниот горски живот, Јакобинската буна од 1745 г, злогласните Горски расчистувања и масовната преселба во урбаните центри за време на Индустриската револуција придонеле Горите да станат најретко населен регион во Европа. Просечната густина на населеност е помала од онаа на Шведска, Норвешка, Папуа Нова Гвинеја и Аргентина.
Советот на управната област Хајленд (Highland) е задолжен за управување со овој регион, со седиште во административниот центар Инвернес. Меѓутоа во Горите спаѓаат и делови од управните области Абердиншир, Ангус, Аргајл и Бјут, Мари, Перт и Кинрос и Стерлинг. Иако Аран административно му припаѓа на Северен Ершир, неговиот северен дел најчесто се смета за дел од Горите.