Планетологија
Наука за вселенските тела / From Wikipedia, the free encyclopedia
Планетарна наука или планетологија, е наука која ги проучува планетите (сосе Земјата), месечините и планетарните системи (претежно во Сончевиот Систем) и процесите на нивно создавање. Ги проучува телата со големина од микрометеороити до гасовити џинови, за да го одреди нивниот состав, динамика, создавање, меѓусебни односи и минато. Таа е интердисциплинарна наука, која настанала од астрономијата и науките за земјата,[1] но која сега опфаќа многу дисциплини, како планетарната геологија (заедно со геохемијата и геофизиката), космохемијата, атмосферските науки, океанографијата, хидрологијата, теоретската планетарна наука, глациологијата и егзопланетологијата.[1] Сојузничките дисциплини вклучуваат вселенска физика, кога се занимаваат со ефектите на Сонцето врз телата на Сончевиот Систем, и астробиологија .
Гранките на планетарната наука понекогаш се меѓусебно поврзани. Набљудувачкото истражување може да се состои од комбинација од истражување на вселената, претежно преку мисии со роботски вселенски летала со помош на далечинско набљудување и компаративна, експериментална работа во лаборатории кои се наоѓаат на Земјата. Теоретскиот дел се состои од компјутерски симулации и математичко моделирање.
Планетарните научници најчесто работат во одделите за астрономија и физика или науки за Земјата при универзитетите или истражувачките центри, но има и неколку самостојни планетарни научни институти ширум светот. Секоја година се одржуваат неколку големи конференции и се објавуваат најразлични рецензирани списанија. Некои планетарни научници работат во приватни истражувачки центри и често работат на партнерски истражувачки задачи.