Кралска академија на науките (Шведска)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Кралска академија на науките (шведски: Kungliga Vetenskapsakademien, KVA) — една од кралските академии во Шведска. Ова е независна и невладина научна организација со задача да ги поттикнува и поддржува науките, пред сè природните науки и математиката.
Гесло | att främja vetenskaperna och stärka deras inflytande i samhället (да се поттикнат науките и да се зајакне нивното влијание во општеството) |
---|---|
Основана | 2 јуни 1739 |
Седиште | Стокхолм, Шведска |
Членство | 1600 академици 175 странски членови |
Претседател | Сванте Линдквист |
Постојан секретар | Стафан Нормарк |
Мреж. место | kva.se |
Академијата е основана на 2 јуни 1739 г. од славниот природонаучник Карл Линеј, меркантилистот Јонас Алстремер, конструкторот Мортен Тривалд, чиновниците Стен Карл Билке и Карл Вилхелм Кедерхилм и политичарот Андерс Јохан фон Хепкен.[1]
Академијата има за цел да посветува особено внимание на полезните сознанија и да објавува на шведски јазик за да ги распространи најзините наоди што пошироко меѓу населението. Создадена е со поинаква замисла од постарото Кралско научно друштво во Упсала (основано во 1719 г.), кое објавувало на латински јазик. Академијата е намерно сместена во центарот на градот, каде што биле најзастапени стопанските активности. Како пример послужиле Кралското друштво во Лондон и Кралската академија на науките во Париз.
Во рамките на установата постојат комитети за доделување на меѓународни награди:
- Нобелови награди за физика и хемија[2]
- Нобелова награда за економија[3]
- Крафордови награди за астрономија и математика, геонауки, бионауки (со задршка на екологија) и полиартритис[4]
- Ролф Шокови награди за логика и филозофија[5]
- Награда „Грегори Арминоф“ за кристалографија[6]
- Медал „Оскар Клајн“
и државни награди:[7]
- Награда „Јеран Густафсон“ за истражни трудови во природните науки и медицината
- Седербергова награда за економија или правни науки
- Награда „Таге Ерландер“ за физика, хемија, технологија и биологија
- Награди „Ингвар Линдквист“ за наставници од областа на физиката, хемијата, биологијата и математиката.