Месо
From Wikipedia, the free encyclopedia
Месо — дел, поточно плот од животно (најчесто мускули) кој се користи како храна.[1] Поимот за месо се разликува во различните култури.[2] Така на пример, плотта на рибите и другите морски и речни жители некогаш не се смета за „месо“.
Месото кое го конзумираат луѓето се добива најмногу од домашни животни, специјално одгледувани за оваа цел и убивани и обработени во кланици. Во различните светски кујни се употребува месо од различни животни. Постојат и сериозни културолошки и социјални нормативи кои ги обусловуваат погледите за употреба на различните видови на месо. На пример, во Европа не е приемливо да се јаде кучешко и мачкино месо, но во југоисточна Азија ова е обичен деликатес. Во муслиманските заедници не се јаде свинско месо, а во будистичките - телешко (бидејќи кравата се смета за свето животно). Исто така, во неевропските земји се користи месото на животни кои се различни од најчесто конзумираните во Европа (на пример, диви крупни и ситни цицачи, ладнокрвни животни, водоземци итн.). Дури и во различните европски земји има различни гледишта. Словенските и германските народи не толерираат храна која се состои од водоземци и влекачи (жаби, змии, гуштери), но речиси во сите латинојазични кујни жабешките копани се приемлив деликатес.
Во последно време се произведуваат заменувачи на месото, кои ги имитираат неговите вкус и структура (на пример, растително месо од соја). Главни консументи на овие производи се вегетаријанците. Исто така се разгледува и можноста за одгледување на месо „во епрувета“.