Педагогија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Педагогија или поретко педагогика[1] е името на општествената наука за воспитанието. Самиот поим за педагогија различно се дефинирал во различните периоди, што укажува на развојот на самата наука низ историјата на човештвото.
Како и секоја друга наука, и педагогијата има свој посебен систем на педагошки закони и своја структура која опфаќа различни правци и дисциплини. Официјално се одделува од филозофијата со појавата на педагошките класици - педагози, а како посебна академска дисциплина ја воведува познатиот германски педагог Јохан Фридрих Хербарт во 19 век. Денес педагогијата се изучува во многу земји во светот.
„Педагог“ може да се однесува на човек кој специјализирал педагогија, но исто така служи и да се означат наставниците,[2] кои покрај научните основи на предметот за кој се определиле, се стекнуваат и со педагошка подготовка.